
Нова студија покажува дека пред само 6.000 до 7.000 години, нивото на Арапското Море било за меѓу 2,5 до 3,2 метри повисоко од сегашното. Тоа било утврдено со анализа на наслаги од карбонати од мекотели од средниот холоцен.
Со прецизни сателитски снимки овие наслаги се лоцирани далеку во внатрешноста на денешната крајбрежна линија на полуостровот Бар ал Хикман во Оман. Резултатите биле потврдени со анализа на седименти.
Релативното ниво на морето било повисоко бидејќи помалку вода била заглавена на копното како мраз во текот на многу потоплиот среден холоцен. Во овој период немало тектонска активност на полуостровот што би можела да влијае врз нивото на морето.
За време на глацијалниот максимум пред 22.000 години, нивото на морето било 120 метри пониско од сегашното, а пред 8.000 години било меѓу 20 и 5 метри пониско. Својот максимум го достигнало пред 6.000 години, што се поклопува со почетокот на суша во Арабија. Саудиска Арабија денес е најголемата од 22-те земји во светот што на својата територија немаат постојани реки – само вади (канали) по кои се слева водата по ретки и обилни дождови.
Во истиот период, својот релативен максимум го достигнало и нивото на морето во лагуната на Абу Даби – било повисоко за 2 метри од сегашното и почнало да опаѓа.