69-годишниот летонски хемичар кој го создава мелдониумот, Ивар Калвинс, објаснува дека супер-војниците го земале како дел од експеримент. Сега претседател на научниот одбор на летонскиот Институт за органска синтеза, Калвинс објаснува дека почнал да го тестира лекот на луѓе за користење за советските војници во Авганистан.
"За војниците да можат да функционираат во планините, каде што има недостаток на кислород, единствен начин да спречат оштетување на организмот (од немањето кислород), беше Милдронат," објаснува Калвинс.
Од милдронат, бренд името за мелдониум, војниците добивале дополнителна издржливост и капацитет за кислород, што пак им овозможувало да ги носат тешките ранци со опрема преку високите планини во Авганистан за време на советската инвазија.
Според Калвинс за време на СССР, летонската компанија Гриндекс и' испорачала стотици тони милдронат на советската армија, затоа што имало повеќекратни употреби за апчето.
Откако во студија од 2015-та е откриено дека 2,2% од испитаните спортисти се позитивни на овој лек, Светската анти-допинг агенција одлучува истиот да го забрани од јануари годинава.
За Калвинс ова не само што е неразумно, туку е и прекршување на човековите права бидејќи "спортистите имаат право да го заштитуваат сопственото здравје. Живееме во ера на медицина базирана на наука, а нема ниту еден нов аргумент во корист на забраната."
Што се однесува до Шарапова, таа речиси десет години користи мелдониум, иако според производителот третманот на срце со него треба да трае некаде меѓу 4 и 6 недели.
Од Гриндекс (летонскиот производител) објаснуваат дека лекот е за третман на најразлични срцеви болести и дијабетес, и дека нема никакви научни докази дека тој ги подобрува физичките капацитети на спортистите. Наспроти нив, Светската анти-допинг агенција во изјавата од вторникот објаснува дека го забранува користењето мелдониум "заради докази за негова употреба од страна на спортисти со цел подобрување на своите перформанси."
"Со други зборови ако го користиш за стимулирање на перформансите, тогаш се смета за стимуланс, а тоа не е дозволено," пишува Ерик Нилер во Вајард.