Лобирање, вториот живот на европарламентарецот

Поранешните европарламентарци по завршување на службата за европските народи, своето искуство масовно го ставаат во служба на европските и светски лобија.

Податокот е од извештајот на Транспаренси интернешнл за ЕУ, објавен под наслов "Пристап до сите области". По нивни бројки од 485 европарламентарци кои во 2014 не биле повторно избрани за Европскиот парламент, денес околу 50 работат како лобисти, чија задача е да влијаат на своите довчерашни колеги. Од нив 26 се вработени директно во консултантските компании чија задача е лобирање токму во европските институции.

"Нема ништо лошо во тоа ако политичарите по истекот на мандатот сакаат да се вработат во приватниот сектор, но проблем е ако во една минута работите на пишување на законите на ЕУ, а во следната лобирате кај своите довчерашни колеги во врска со истите тие теми. Потребни се разумни правила кои би спречиле судир на интереси и преземање на европските институции од лобијата," изјавил Даниел Фројнд од Транспаренси интернешнл.

Меѓу наведените примери е Шерон Бауелс, поранешната европарламентарка и претседателка на моќниот Одбор за финансии и монетарна политика, која денес е ангажирана како "советничка за стратегија" во Афоре консалтинг, чии клиенти се банки како Голдман Сакс, Морган Стенли и Дојче банк. Ставот на Афоре консалтинг е дека Бауелс работи на давање високо-стратешки проценки а не на лобирање.

Во примерите на Транспаренси е и Холгер Крамер, кој по години работа на стандарди за заштита на околината, сега е лобист за Опел.

Извештајот на Транспаренси следува неколку месеци откако Европскиот парламент ечеше од критики за Баросо, кој по заминувањето од државна служба, се вработи во Голдман Сакс.

Во пракса, креирана од европарламентарците за европарламентарците, не постојат никакви рестрикции за вработување на парламентарците по завршување на мандатот, плус на нив им следуваат и две години плаќање надоместок, дури и ако се вработат. Сепак тие се погрижиле да не биде апсолутна анархија и вовеле одредени ограничувања што се однесуваат на нивните соработници, кои две години по напуштање на работното место во европските институции не смеат да се занимаваат со лобирање.

Во извештајот се наведува и дека над 170 актуелни европратеници имаат и дополнителни приходи вон платата.

2 февруари 2017 - 11:26