Криење пари за богати во 5 чекори

Година и пол по Панама документите, новинарите на ИЦИЈ објавија ново пакетче документи од топлите краишта, овој пат под име Рајските документи, со тежина од 13,4 милиони фајлови собрани во 1,4 терабајти. Сега во прашање е една адвокатска компанија, Еплбај, која работи во 10 јурисдикции, и секаде работи на криење на парите на ултра богатите. Новинарите на ИЦИЈ успеале да им го најдат крајот.

Описот на работата на компанијата Еплбај е „да им помогне на клиентите да го намалат својот даночен товар; да го заматат сопствеништвото на имот како компании, приватни авиони, недвижности и јахти; и да постават оф-шор трустови на кои во одредени ситуации има милијарди долари.“

Ако Панама документите беа посветени на Путин и луѓе околу рускиот претседател (тогаш со објаснување дека богаташите од Западот имаат изнајдено други начини за криење на парите и без оф-шор компании, па ги нема во документацијата на Мосак Фонсека), овие се посветени на тоа како мултинационалните компании кријат данок, и на луѓе кои помогнале руските пари да влезат во мултинационални компании и технолошки џинови како Фејсбук и Твитер. Меѓу откриените на пример ја има и англиската кралица која инвестирала околу 13 милиони долари во оф-шор компанија.

Би-би-си изработува едно видео упатсво за тоа како богатите кријат пари во 5 чекори:

1. Отвораш компанија само по име, „шел компанија“.

2. Ја отвораш на оф-шор локација со ултра низок, речиси непостоечки данок и високи нивоа на таинственост.

3. Им плаќаш на луѓе да го водат бизнисот (да се потпишуваат), за твоето име никаде да не се појавува во документи.

4. Отвораш банкарска сметка на друга оф-шор локација, за дополнителна анонимност. Шел компанијата врши исплата на оваа сметка.

5. Парите ги трошиш за потребите на компанијата (како викендица, автомобил, јахта, авион, патувања) и / или си ги даваш сам на себе како позајмица која никогаш не ја враќаш.


Повеќе околу документите:

6 ноември 2017 - 15:45