Политикологот од Јеил, Маргарет Питерс, објаснува дека може да има и легитимни причини зошто некој би криел пари во фантомска фирма:
"На пример во апсолутистичка држава, каде нема владеење на правото и нема вистински правен систем, за власта е многу полесно да им ги одземе парите на поединците, посебно на оние кои ги сметаат за закана. Во вакви околности, меѓу луѓето кои претставуваат закана може да има и успешни бизнис лидери и други луѓе со многу пари, кои би можеле да ги користат овие пари за спротивставување на режимот.
Па мислам дека успешните бизнис лидери имаат добра причини да ги кријат своите пари бидејќи се загрижени дека власта ќе дојде по нив."
Како пример за ова, таа ги спомнува случаите со руските олигарси кои во последните години речиси редовно остануваат без богатството што го стекнале по распадот на СССР, откако ќе избие некаков курцшлус меѓу нив и власта. Ист став има и за кинеската анти-корупциска кампања во последниве години, во која според неа на мета може да е и дел од финансиската елита која има некаков потенцијал да биде закана за власта.
Дури и да нема вака идеолошка позадина, криењето пари во фантомски фирми се оправдува и од страв дека "ако ги покаже парите" поединецот може да биде жртва на најразлични видови рекетирање, државен или приватен.
Питерс објаснува дека во овие ситуации има и потранспарентни начини за криење на парите, меѓутоа проблемот кај нив е што тоа предвидува плаќање данок:
"Наместо фантомска компанија, можеш да отвориш банкарска сметка на твое име во друга држава. Во многу земји во развој нема голем број банки или безбедни финансиски институции што луѓето можат да ги користат. Голем број странци имаат банкарски сметки баш тука во САД.
Секако, овие банкарски сметки се предмет на данок кој важи за секој што чува пари во САД. Баш затоа ако сакаш да зачуваш најголем дел од парите и да не им плаќаш даноци на странските влади, веројатно ќе ги ставиш парите во некој даночен рај."
Ова го оправдува и отворањето фантомска фирма заради немање доверба во безбедноста и стабилноста на банкарскиот систем во својата држава.