Издавачите кои имаат договори за книги со контроверзни автори или околу контроверзни теми, до сега стандардно беа под притисок од јавноста. По ново се под притисок и од сопствените вработени.
Така вработени во издавачот Сајмон енд Шустер поднесоа петиција до својата компанија од која бараат да ги прекине сите врски со автори поврзани со администрацијата на Трамп.
Петицијата има 216 потписи од вработени, плус 3.500 надворешни симпатизери, меѓу кои и добро познати црнечки писатели. Според Вол стрит журнал, компанијата минатата недела откако дознала за петицијата испратила писмо до своите вработени во кое ги отфрла нивните барања.
Претходно беше објавено дека Пенс има потпишано договор со Сајмон енд Шустер за објавување на две книги за „значителен аванс“.
Во 2017 истата компанија се повлече од договорот за книга со Мајло Јанопулос, по неговите коментари околу педофилија. Во јануари тие се откажаа од објавување на книга на републиканскиот сенатор Џош Холиј заради неговото противење на резултатите од претседателските избори, што според многумина придонесе за упадот во Конгресот од 6-ти јануари. Пред две недели тие објавија дека нема да ја дистрибуираат книгата на полицаецот што учествуваше во убиството на Бреона Тејлор.
Една од алтернативите која им останува на „необјавените“ е да одат на само-објавување, каде тие ја финансираат целата операција од обработка до дистрибуција. На таков потег минатата година се реши Доналд Трамп Јуниор, како и Мајло Јанопулос кога доби корпа од Сајмон енд Шустер.