Во Алжир, секоја година, обично на лето, мажи познати како кбабши, шетаат низ селата во потрага по „таленти“ - јагниња кои се брзи, агресивни и отпорни на повреди. Потоа минуваат години одгледувајќи ги за од нив да направат шампионски борци. Тренерите се строги, но истовремено и необично приврзани кон своите пулени. Ги третираат своите избраници како вистински менаџери, и не само што добро ги хранат, туку и ги масираат, и ги водат на долги прошетки.
Професионалци во областа на борбите со овни, овие луѓе имаат развиено цела методологија за нивните миленици да станат вистински тепачи. На пример, им ги врзуваат роговите со синџири за ѕид, за овие, додека се обидуваат да се ослободат, истовремено да си ги јакнат вратовите. За разлика од борбите со петли, тука нема коцкање, но секоја добиена борба ја качува вредноста на победникот, а другите ги осудува на кланица. Еден овен-шампион може да постигне вредност од 10.000 американски долари, но повеќето тренери сепак повеќе сакаат слава отколку кеш. На овните им се даваат имиња кои предизвикуваат стравопочит, како Рамбо, Вилица или Адвокат. Во третата рунда во еден неодамнешен меч, овен по име Хитлер брутално победил друг, со прекар Садам.
Combat taa lkbech, како што се вика борбата со овни на алжирски арапски, за публиката врши слична функција како фудбалот: таа ја исфрла насобраната енергија на мажите кои инаку безделничат и им овозможува да ги надминат ригидните граници на национализмот, регионализмот и маалската гордост. Сепак, ова со овците е многу поагресивно од фудбал - кога овните губат интерес во натпреварот и повеќе сакаат пријателски да се душкаат еден со друг, тренерите ја преземаат работата во свои раце, шепотејќи им на уво на нивните „ѕверови“, хушкајќи ги додека пак не почнат да напаѓаат.
Оваа генерација Алжирци, сега во своите 20-ти и 30-ти, е оформенa во ера на страв, борби, корупција и полициски часови. За нив нема работа, и продуктивен начин да придонесат во општеството. Им недостасуваат релевантни вештини и образование. Повеќето се неженети. Не се баш сиромашни, но зависат од државни субвенции за купување гориво, храна и плаќање кирии. Се чувствуваат бесцелно, понижено. Повеќето би сакале да се на друго место. На пример во Европа.
Спомнатите млади се растени во сенката на две катаклизмични војни. Повеќе од милион алжирски муслимани биле убиени во текот на војната за независност од Франција. А по 30 години репресивен еднопартиски систем кој следел по прогласувањето независност, во 1991 Алжир повторно западнал во криза. Следната декада беснеел крвав конфликт помеѓу безбедносните сили и исламистите, при што загинале околу 200.000 луѓе. Овој период обично се нарекува „црната деценија“. Токму заради ова веројатно и немаше „арапска пролет“ во Алжир во 2011, затоа што спомените на екстремното насилство беа се уште свежи, а тајната полиција ги пресекуваше протестите во корен уште пред тие да почнат.
Арените за борби со овни оттаму се добредојдено место за бегство на мажите од постојаниот надзор на државата. Фатма Уседик, алжирски социолог и универзитетска професорка, вели дека властите пробале на неколку начини да ги репресираат алжирските мажи, а насилството е единствен облик на изразување кој им останува. Иако борбите се технички незаконити, властите прогледуваат низ прсти и им дозволуваат на овие „спортисти“ да ги објавуваат локациите на настаните секоја недела. Лигите во градот Алжир и источниот пристаништен град Анаба обично се одржуваат на ридови, фудбалски игралишта и во школски дворови. Но постојат и големи африкански шампионати (кои се одржуваат неколку пати годишно), кои привлекуваат илјадници луѓе од цела северна Африка.
Во репортажа објавена во Гардијан детално се опишуваат подготовките, правилата и фолклорот кој ги придружува борбите: начинот на кои се украсуваат овните, со к’на на истрижената кожа, со форми кои варираат од огромни змии до ајкули, или прекарите кои им се даваат, како Багабонт или Макро. Најживописен е опишаниот судир помеѓу овни по име Меси и Погба. Погба најпрвин „деликатно“ му го мириснал задникот на Меси. Потоа Меси му се навртел, а Погба исплашено избегал од рингот, но неговите тренери со сила го вратиле назад. Меси на крај (спојлер) победил,а толпата го кренала неговиот тренер на рамења. Тоа се ретки моменти на опуштеност на Алжирците, среде секојдневна атмосфера на опресивна бирократија, која промовира медиокритетство, а ги потиснува индивидуалните таленти.
Додуша некои од соговорниците сметаат дека и самите Алжирци се мрзливи, и дека Французите биле оние кои ја изградиле земјата. И дека би било подобро наместо да киснат на вакви апсурдни натпревари, да ја земат сопствената судбина в рака.