Кинезите се одвикнаа од правење деца

Иако речиси десет години Кина ја олбавува својата долгогодишна политика за едно дете, резултатите не се охрабрувачки. Стaпката на наталитет и натаму паѓа а минатата година е забележан рекордно низок број на родени, само 9,02 милиони. Ај деца, ама па тоа Кинезите сега ни бракови нејќат. Така е кога од село ќе дојдеш во град.

Фото: ЕПА

Според анализата на финансиската компанија Номура, регистрацијата на бракови паднала за 25 отсто во третиот квартал од оваа година во споредба со минатата година, а годинешниов број се очекува да падне на најниско ниво од 1979 година, со само 6,4 милиони склучени бракови.

Ова се загрижувачки показатели за земја која се соочува со брзо стареење на населението. И покрај обидите, политиките на Кина за зголемување на наталитетот сè уште се далеку од тоа да донесат видливи резултати.

Неодамна, кинеската влада најави стимулации во форма на субвенции и даночни олеснувања за семејствата со деца под три години и го продолжи породилното отсуство од 98 на 158 дена. Минатата година детските додатоци беа двојно зголемени на 2.000 јуани (260 евра) месечно, но експертите ценат дека таквите чекори ќе имаат само ограничено влијание врз вкупната стапка на наталитет.

Некои од нив велат дека долгогодишната политика за едно дете оставило трајно психолошко влијание врз младите генерации, менувајќи ја нивната перцепција за семејството. Дополнително, младите се соочуваат со зголемена економска несигурност, поради што ја одложуваат или целосно ја преиспитуваат одлуката за основање семејство.

Во август, невработеноста кај младите од 16 до 24 години достигнала рекордни 18,8 отсто а високото ниво на урбанизација во Кина и брзото темпо на живот во големите градови дополнително ги обесхрабруваат браковите и раѓањето деца.

Според Светската банка, денес околу 65 отсто од населението на Кина живее во градови, што е значително зголемување во споредба со 1980 година, кога тој удел бил само 19 отсто.

 

12 ноември 2024 - 13:55