Кање Вест за вакцината: Сакаат да нè чипираат

Не можеш ти лесно да го излажеш братот Кање. Тој наоколу препознава разни знаци на Ѕверот кои нè предупредуваат дека злите сили ќе направат сè за да не можеме утре, задутре, да влеземе во Рајот. Тој исто така лани се отвори дека страда од голема параноја заради својата биполарност. 

Помалку газлестата половина од двојката Кардашиан-Вест има црни мисли околу евентуалната вакцина против коронавирусот на почетокот на својата кандидатура за претседателските избори во ноември.

Раперот и продуцент тврди дека прележал ковид уште во февруари но дека воопшто не би брзал да си ги вакцинира децата

„Толку многу деца вакциниравме и парализиравме. Затоа сум екстремно претпазлив. Тоа е знак на Сотоната. Сакаат да стават чипови во нас, сакаат да ни направат разни работи за да не можеме да ги минеме портите на Рајот,“ рече пророкот.

Вели дека најавата за кандидатура за претседател на САД не е маркетиншки трик и дека навистина ќе се кандидира. Идејата за тоа му дошла еднаш кога се туширал. Признава дека засега нема програма за даночни реформи или за надворешна политика а дека советници околу неговата државничка амбиција му се сопругата Ким и Елон Маск.

Кање во минатото редовно го поддржуваше Трамп но ја изгубил доверба во него, првенствено поради начинот на кој се справувал со пандемијата и настаните кои следеа по убиството на Џорџ Флојд. А Бајден па ич не го може.

Во ланското интервју со Летерман, Кање отворено проговори за своите ментални проблеми. Призна дека страда од параноја и од анксиозност дека околу него се плетат разни завери. Тоа доаѓало од неговата биполарност односно од подвоената личност за која наоѓа објаснување во фактот дека бил Близнаци во хороскоп.

Една од параноите веројатно е и да не пропадне финансиски па се има пријавено за државни субвенции од програмата поврзана со ковид кризата. За да не отпушта вработени, на неговата компанија Yeeezy ѝ бил одобрен заем меѓу 2 и 5 милиони долари со кои биле спасени 106 работни места.  Шерон Озборн смета дека е резил Вест да влече пари од државата и оценува дека би било пристојно да ги врати овие средства.

 

9 јули 2020 - 10:29