Самсунг деновиве се појави пред американскиот Врховен суд за да го брани дизајнот на својот смартфон за кој Епл тврди дека недозволиво личи на нивниот. Судот нема да утврдува дали Самсунг ги злоупотребил патентите на Епл туку колку треба да плати за таквиот потег.
По цели 120 години, ова е прв случај суд да решава за дизајнерски спорови. Досега Врховниот решавал спорови околу функционалноста на разно-разни патенти.
Последните дизајнерски спорови се однесувале на коњски седла, килими и лажички. Особено лажички.
Еден конкретен случај со последниов пример од 19-от век неколкупати беше цитиран и во новиот спор.
Во 1862 година, компанијата Горам пријавува патент за рачка од лажиче. Шест години подоцна, нивен конкурент во лицето на фирмата Вајт пријавува сличен патент.
Врхвниот суд пресудува во корист на првиот патент.
"Тие генерално се исти во општиот изглед и функционалноста, толку слични што на пазарот би поминале како ист производ. На тој начин купувачот може да биде доведен во заблуда што купува", вели тогашната судска одлука.
"Исто е и сега!", тврди Епл по кој Самсунг го украл целиот препознатлив изглед на нивниот уред, од предната страна, рамката, задната страна па до корисничкиот интерфејс.
Според нив, треба да добијат отштета на претрпени загуби на целиот производ, не само за дизајнот.
"Ако некој купува производ првенствено заради неговиот изглед, цел профит од продажбата треба да оди кај дизајнерот" бараат адвокатите на оваа компанија.
Се разбира, Самсунг поинаку гледа на целиот случај па наведува дека еден телефон има толку многу функции заради кои се купува, што не никој не може да го поистовети само со неговиот изглед.