Тоа што до пред два месеца им се смеевме на теориите на заговор околу 11-ти септември, никако не попречи речиси истиот рецепт да се искористи само еден ден по нападите во Париз. Паралелно со извештаите за жртви, почнаа да виреат теориите според кои сето ова е дело на властите (исто како и 11-ти септември), и само се испреплете со теоријата дека ИСИС е чиста творба на Западните влади (исто како што беше на 11-ти септември за Ал Каеда).
Според професорот по социјална психологија Вирен Свами, од Универзитетот Англиа Рускин, погрешна ни е претставата дека денес има повеќе теории на заговор, туку всушност се работи за тоа дека "тие многу побрзо се појавуваат, што е симптом на многу поинтегриран свет."
Карен Даглас, која е од истата бранша како Свами, објаснува:
"Шаблоните на комуникација на луѓето прилично многу се променети во изминатите години. Едноставно стана многу полесно за луѓето да дојдат до одредена информација што ги потврдува нивните сомнежи, дури и да имаат многу малку сомневање околу официјалната сторија. Многу е лесно да седнеш на интернет и да најдеш други луѓе што размислуваат како тебе."
Уште една заблуда е дека само мал број од луѓето веруваат во алтернативната вистина за настаните. Даглас потсетува на едно неодамнешно истражување според кое половина од Американците веруваат во барем една теорија на заговор.
Роб Бротерон во книгата Suspicious Minds има малку поинаков пристап кон теориите на заговор, и без да се меша во тоа дали се точни или не, тој нив ги објаснува како наше наследство од еволуцијата и како дел од системот на идентификување на закани и сомничавост кон околината, кој ни овозможил сето ова време да преживееме.
Неговата теорија е дека нашата прва претпоставка околу што и да се случи е дека тоа било намерно и дека некој го испланирал тоа.
"Ако прашаш мало дете зошто некој кивнал, детето си мисли дека тоа е намерно, дека човекот сигурно ужива во кивање. Дури откако ќе наполни 4 или 5 години тоа почнува да сфаќа дека не сè што некој прави е намерно. Тогаш веќе можеме да ја надминеме автоматската осуда. Меѓутоа истражувањата покажуваат дека таа и понатаму останува во нас дури и на постари години," пишува Бротерон.
За посликовито објаснување тој наведува едно истражување според кое луѓето под дејство на алкохол е многу поверојатно да протолкуваат случајно однесување како намерно, како на пример некој да те поттурне во гужвата и да ти ја истури пијачката.
Околу обидите да ги побиеш теориите за заговор, Бротерон смета дека сето тоа е залудно:
"Секој пат кога ќе почнеш да разбиваш некоја теорија на заговор, за луѓето кои навистина веруваат во неа тоа е токму потегот што тие го очекуваат како доказ дека заговорот е вистински."
За разлика од него, Свами смета дека има "лек" ама е групен за целата заедница и се сведува на "воведување аналитичко размислување на ниво на општество," плус ова дополнително бара луѓето да имаат доверба во своите лидери, да ги разбираат нивните потези и да веруваат дека не се корумпирани.
Значи, сепак нема лек.