Сноуден во Хонгконг го ангажира канадскиот адвокат за човекови права, Роберт Тибо. Неговиот план е да го одведе сега веќе бараниот бегалец (ова се случува на 10-ти јуни, еден ден по објавувањето на документите во Гардијан) во канцеларијата на О.Н. во Хонгконг и таму да побара статус на бегалец со што би ја избегнал екстрадицијата во САД.
Вечерта на 10-ти почнува евакуацијата на Сноуден, кој маскиран со очила за сонце и темна капа е изнесен од хотелот, и во автомобилот со двајцата негови адвокати (Тибо и Џонатан Ман) е пренесен во една од најсиромашните населби на Хонгконг, каде моментално се сместени сите бегалци и азиланти кои доаѓаат во градот.
Адвокатите ја избираат локацијата, бидејќи добар дел од тамошните жители се нивни поранешни клиенти на кои им имаат помогнато околу имиграцијата и знаат дека можат да им веруваат.
Првиот јатак на Сноуден е 32-годишниот Супун, инаку родум од Шри Ланка, кој од 2005 ги избегнува имиграциските власти и заедно со неговата партнерка и 1-годишната ќерка живее во стан од 14 метри квадратни. На 10-ти вечерта тој добива повик од Тибо да излезе пред зграда. Таму адвокатите му го тупнуваат Сноуден на Супун, без овој да има нешто многу право да ги одбие. Му кажуваат кој е човекот, дека треба да остане неколку дена кај него, да го храни и со никого да не зборува за гостинот.
Додека е кај Супун, Американецот се храни со Мекдоналдс и шпагети, а едно од главните барања што го има до својот домаќин е да го исклучи неговиот Дел компјутер од страв дека може да биде откриен преку него. Иако адвокатите не го посетуваат станот, тие ги испраќаат своите приправници кај Супун да испорачаат торти и слатки, во кои има УСБ стикови преку кои комуницираат со Сноуден.
По неполна недела кај Супун, низ населбата, без никаква посебна причина, почнува да патролира полиција. Во овој период САД веќе имаат поднесено кривични пријави против Сноуден, и бараат од властите на Хонгконг да го испорачаат.
По појавата на патролите, адвокатите повторно сред ноќ го селат Сноуден, во уште посиромашна населба. Таму го сместуваат во станот на една Филипинка, Ванеса, барателка на азил, која исто така е клиентка на Тибо. Ванеса не знае кој е човекот се до следното утро кога по негово барање оди да купи весник. Кога таму ја гледа неговата слика таа се вади од памет и бара тој да и го покаже пасошот. И покрај тоа што е извадена од памет, таа верува дека Тибо не би ја наместил, да има проблеми, па го продолжува гостопримството за Сноуден. По сведоштвото на Ванеса, цело време додека е таму Сноуден е на компјутер и е загрижен за неговиот следен чекор.
По четири дена Сноуден си заминува од таму, и го носат кај неговиот последен јатак, Аџит. Таму останува само една вечер. Веќе на 21-ви јуни тој и официјално е обвинет по три основи, ова ги комплицира работите за имигрантите бидејќи значи дека секој кој ќе му помогне ќе може да биде прогонет од локалните власти.
По 12 дена криење меѓу бегалците во Хонгконг, Сноуден е префрлен во куќата на еден од неговите адвокати. Денот на поднесувањето на обвиненијата, се паѓа да е и роденден на Сноуден. Откако пресметуваат дека обидот за добивање азил во Хонгконг е многу ризичен, адвокатите по барање на Сноуден го контактираат Асанж за помош.
Асанж им ја испраќа неговата соработничка Сара Харисон, кој од Австралија лета за Хонгконг и прави план со адвокатите на Сноуден за негово вадење од земјата. Додека Асанж контактира неколку јужноамерикански влади во обид да добие азил за Сноуден, Харисон купува авионски карти до повеќе дестинации, меѓу кои Исланд, Куба и Индија, со цел да ги збуни властите.
Откако властите на Хонгконг даваат "неутрално до зелено светло" за Сноуден да го напушти градот, адвокатите на 23-ти јуни го носат Американецот на меѓународниот аеродром во Хонгконг. По пат кон аеродромот, тој ја запознава Харисон, која ќе го придружува на патувањето глумејќи негова девојка.
Кога летот на Аерофлот кон Москва излегува од кинески воздушен простор, властите на Хонгконг објавуваат дека Сноуден ја напуштил земјата. Во тој момент, американските власти го поништуваат пасошот на Сноуден.
Кога слетува во Москва, Сноуден заглавува во транзит зоната на Шереметјево бидејќи заради поништениот пасош повеќе не може да лета. Тој останува цел месец на аеродромот пред руските власти да му дадат привремен азил.
"Никогаш не планирав да завршам во Русија, а не па да ја изберам. Кога мојата влада дозна дека сум го напуштил Хонгконг и сум тргнал кон Латинска Америка, тие го поништија мојот пасош и ме заглавија на рускиот аеродром. Не можејќи да патувам или да си заминам, пополнив апликации за азил во 21 држава низ светот, на места како Франција, Германија, Австрија и Финска. Но овие држави ниту го прифатија моето барање, ниту ми дозволија безбедно патување понатаму," раскажува Сноуден.