Една од причините за ова е што најголем дел од маските за САД се произведуваа во Кина, а Кина сред сопствената пандемија на ковид-19 ем затвори добар дел од фабриките кои произведуваа маски, ем и тоа што ги имаше го задржа за себе, затоа што во тие моменти таму ситуацијата беше најтешка.
Друга причина е што американските стратешки резерви во една од своите најуспешни акции за време на пандемијата на свински грип во 2009, испорача над 85 милиони Н95 маски. Испораката беше успешна и заврши многу работа во тоа време, меѓутоа залихата никогаш не беше обновена.
На почетокот од коронавирусот САД во своите резерви имаа околу 12 милиони маски, федералните власти во март проценија дека на земјата ќе и требаат 3,5 милијарди маски за да може да се справат со пандемијата.
Според Атлантик, Конгресот никогаш не одвоил пари за надоместување на маските, туку тие само се надевале дека болниците ќе направат сопствена залиха, кои пак за да заштедат пари не го направија тоа.
„Во таа смисла дефицитот на маски во стратешките резерви не е она што го измести американскиот одговор на ковид-19. Туку тоа е само еден во серијата пропусти во планирањето кои ја создадоа кризата во која денес се наоѓаме,“ пишува Олга Казан во текстот за Атлантик.
Поранешниот директор на американските Стратешки резерви, објаснува дека парите за маските поделени во време на свинскиот грип се доделени од Конгресот во период од 2005 до 2007, меѓутоа овие пари со тек на време се намалуваат бидејќи Конгресот секоја следна година им доделува се помалку пари. Со намалените финансии тие треба да размислуваат дали ќе планираат за урагани, поплави, торнада, пандемии или терористички напади. Сите овие катастрофи бараат залиха на различни предмети.
Истите овие луѓе што биле во раководството на стратешките резерви објаснуваат дека нивната институција никогаш не ни требало да ја снабдува цела држава со маски за неколкумесечен период, и дека болниците и сојузните држави требало да создадат сопствени резерви од кои ќе црпат во вакви вонредни ситуации, па дури ако имаат проблем со тие резерви да се обратат кај националните.
Ваквиот план не ги амнестира комплетно централните власти бидејќи тие со време требало да ги информираат сојузните држави дека националните резерви се испразнети, па тие да почнат да се снаоѓаат.
Пропустот на болниците е што цело време работат со резерви кои се „точно на време“, што значи дека залихите им се испорачуваат точно кога ќе им затребаат. Заради ова така работат и дистрибутерите. Заради нив така работат и производителите. За целиот ланец, а посебно болниците, поевтино е да имаат залиха колку што им треба во моментот и да ја надополнат кога ќе снема, отколку да пазат на датуми и да проверуваат дали сè е во ред со залихата што ја чуваат.
Во таква ситуација здравствените работници ги перат и по неколку дена по ред ги носат истите маски, вработени во супермаркети со висок ризик на заразување со месеци не добиваат маски, а националните резерви со маски веќе на 1-ви април беа при крај.