"Исламот придонесува многу повеќе од само географско дефинирање на Европа. Денис Хеј, британски историчар, во неговата книга од 1957-ма, Europe: The Emergence of an Idea, објаснува дека европското единство започнува со концептот на христијанство како 'неизбежна спротивност' на Исламот - концепт кој кулминира со крстоносните војни. Едвард Саид во книгата Orientalism од 1978-ма, тврди дека Исламот културолошки ја дефинира Европа, покажувајќи против што се бори Европа. Со други зборови самиот идентитет на Европа во значителна мерка и изграден на чувството на супериорност во однос на муслиманскиот арапски свет сместен на нејзината периферија. Империјализмот преставува крајниот израз на оваа еволуција: раната модерна Европа, почнувајќи од Наполеон, го освојува Блискиот Исток, за потоа таму да испрати истражувачи и дипломати кои ќе ја студираат исламската цивилизација, квалификувајќи ја како нешто убаво, фасцинантно, и - најважно - инфериорно," пишува Роберт Каплан во текстот за Атлантик.
Во пост-колонијалната ера Европа одлучува својата супериорност да ја покажува преку создавање полициски држави во Северна Африка и Левант, чии владетели успешно ги држат своите луѓе во границите (кои исто така се нацртани по мерка и процена на Европејците). Така затворени, Европејците чувствуваат дека треба да почнат да ги просветлуваат Арапите учејќи ги за човекови права, "без притоа да се грижат дека таквите експерименти би можеле да доведат до значителна миграција." (А нема зошто да се грижат за миграција бидејќи Европа е и понатаму е заштитена од Медитеранот, истата граница која пред многу векови ги спаси од Исламот.)
Меѓутоа наспроти прогнозите оваа граница паѓа, па човечката миграција, заедно со тероризмот, успеваат да го преминат Медитеранот.
Континентот и претходно успешно се справува со масовни миграции, како големите преселби на Словените кои се населуваат на просторот од Средна до Источна Европа (од Полска до Бугарија). Без разлика колку се крвави овие преселби, сепак Словените го прифаќаат христијанството, а подоцна формираат и држави кои функционираат во рамките на европскиот систем.
"Денес, стотици илјади муслимани кои немаат никаква намера да преминат во христијанство се инфилтрираат во економски стагнирачките европски држави, заканувајќи се дека ќе го поткопаат кршливиот социјален мир. Иако европските елити со децении користеа идеалистичка реторика за ги одбијат силите на религијата и етничка припадност, тоа се истите оние сили кои ја овозможија внатрешната кохезија на самите европски држави," пишува Каплан.
Истата оваа миграција во моментов ги брише границите меѓу империјалните центри и поранешните колонии, а Европа на ова одговара "со вештачко реконструирање на националните и културните идентитети на екстремната десница и левица, како одговор на заканата од цивилизацијата со која некогаш доминираше."
"'Западот,' ако има некакво значење освен географско, го манифестира духот на уште по инклузивниот либерализам. Исто како што во 19-от век немаше враќање назад кон феудализмот, така и сега нема враќање кон национализмот, барем не без предизвикување уште поголема катастрофа...
... Европа сега мора да најде некој друг начин за динамично да го инкорпорира Исламот без да го разретчи сопствениот систем базиран на владеење на правото, кој потекна од европскиот север, систем во кој индивидуалните права се најважни во хиерархијата на потреби. Ако не може да еволуира во правец на универзални вредности, тогаш само изумени идеологии и чист национализам ќе ја пополнуваат празнината. Ова ќе го сигнализира крајот на 'Западот' во Европа," објаснува Каплан.