По неговата смрт на 91 година

Како Хју Хефнер стана американска поп икона?

За конзервативците беше расипувач на смерната американска младина. За феминистките беше шовинист. За многумина беше борец за човекови права, особено за сексуалните. Хју Хефнер се одјави на 91, задоволен од постигнатото. 

„Татко ми живееше исклучителен и влијателен живот како медиумски и културен пионер и водечки глас зад некои од значајните социјални и културни движења на нашето време, залагајќи се за слобода на говорот, граѓански права и сексуална слобода. Тој дефинираше животен стил и начин на работење кои се суштината на брендот Плејбој, еден од најпрепознатливите и најтрајните во историјата“.

Вака гласеше соопштението за јавноста на синот на Хју, Купер Хефнер, по повод смртта на татко му на 91 година. И иако звучи како да умрел народен херој, а не (само) пребогат бизнисмен, она за влијанието на Хефнер не само врз американската, туку и врз западната култура воопшто, е несомнено.

Роден во Чикаго во 1926 од родители-методисти, тој служел во американската армија во Втората светска војна, дипломирал на Универзитетот Илиноис и работел за Есквајр пред да го формира списанието Плејбој во декември 1953. Првиот број, произведен во неговата кујна и финансиран со 8.000 долари од инвеститори, содржел голи фотографии од младата Мерлин Монро, и се продал во повеќе од 50.000 примероци.

Тиражот пораснал до 200.000 во првата година, и на повеќе од 7 милиони до 1970-тите. Во 1960 Хефнер отворил и синџир клубови низ светот, во кои келнерки во провокативни костуми со зајачки уши и исти такви опавчиња ги служат гостите. Ова на феминистките ич не им се бендисало, а една од нив, познатата Глорија Стајнем, во 1963 се вработила во еден од клубовите под лажното име Мари Кетрин Окс, за да види стојат работите одвнатре, по што следела антологиската репортажа во два дела во списанието Шоу, за како што таа го нарекува „машкиот бастион на моќ кој малкумина го познаваат“.

Иако критиките на конзервативците за „експлицитната“ содржина од една, и реакциите на борците за женски права од друга го профилираа списанието пред сè како еротско, тоа имаше и голема книжевна улога, која често пати е неправедно во втор план - паралелно со дуплериците и убавиците таму беа објавувани и текстови, раскази, есеи на денес славни автори, како Реј Бредбери, Јан Флеминг, Џозеф Хелер, Џек Керуак и Маргарет Атвуд. Првото интервју на списанието беше со Мајлс Дејвис, а следеа оние со Фидел Кастро, Френк Синатра, Марлон Брандо, како и со Џон Ленон, кратко време пред да биде убиен.

Во моментот на смртта на Хефнер, списанието излегува во повеќе од 20 земји, а самата компанија заработува над 1 милијарда долари годишно од продажба на разни производи со „зајаче“. Запрашан што му предизвикува најголема гордост, тој во 1992 изјавил: „Тоа што го променив ставот кон сексот. Дека ја деконтаминирав идејата за предбрачен секс. Тоа ми предизвикува големо задоволство“.

А ние смртта на „американската икона“ ќе ја одбележиме со детално прелистување на шесте тома Плејбој „собрани дела“ од канцелариската библиотека. За интервјуата ни е, де.

 

28 септември 2017 - 09:01