Војната во Иран веќе ја уништи пролетната сеидба

Со своите блокади на Ормускиот проток, Иран и САД веќе ја уништија пролетната земјоделска сезона на северната хемисфера. Дури и ако војната заврши сега, една третина од глобалниот извоз на азотно ѓубриво нема навреме да стигне до полињата. Последиците ќе се почувствуваат по неколку месеци, со поскапа храна за богатите и глад за милиони во сиромашните земји.

Пролетната апликација на ѓубрива на северната хемисфера трае до јуни. Делови од Африка сега влегуваат во примарната сезона на садење. Пропуштениот временски прозорец за ѓубрење не дозволува одложување на жетвата - туку целосно ја елиминира.

Откако ќе се отвори Теснецот, ќе бидат потребни недели за бродски транспорт... Може да поминат месеци пред да се нормализираат синџирите на снабдување, предупреди Комитетот за земјоделство на Претставничкиот дом на САД.

Меѓународниот совет за житарки проценува дека кумулативното глобално производство на пченица и груби зрна би можело да падне за 53 милиони тони во споредба со минатата сезона - дефицит што е поголем од вкупниот годишен обем на извоз на житарки на Украина.

Земјоделците низ Азија веќе беа принудени да го намалат садењето ориз поради недостиг на ѓубрива и зголемени трошоци за гориво. Ситуацијате е усложнета од појавата на ефектот Ел Нињо, за кој се очекува дополнително да го намали глобалното производство. Оризот е клучен за глобалната безбедност на храната.

Последиците нема да бидат почувствувани до на есен. Хелиос АИ предвидува пораст од 12 до 18% на глобалните цени на храната до крајот на 2026 година. За Американците и Европејците, цените на храната во продавниците ќе се зголемат. За милиони луѓе низ Африка, Јужна Азија и Блискиот Исток, нема да има доволно храна. Намаленото количество ѓубрива на светскиот пазар поттикна глобална лицитација за увоз на ѓубрива, што ја крева нивната цена до ниво кое не можат да си го дозволат најсиромашните земји.

Светската програма за храна предвидува дека ако конфликтот продолжи по јуни, а цената на нафтата надмине 100 долари за барел, уште 45 милиони луѓе во светот ќе се соочат со акутна несигурност за пристап до храна и ќе го зголемат нивниот вкупен број на рекордни 363 милиони.

Ни и Иран ни САД не одговорија на иницијативата за отворање хуманитарен коридор низ Ормускиот проток, сличен на оној што го договорија Русија и Украина во 2022 година за извоз на украинско жито преку Црно Море. Киев и Москва поединечно потпишаа посебни документи со Турција и со Обединетите нации и овозможија доставување 33 милиони тони жито до глобалните пазари.

Директорот на Канцеларијата на ОН за проектни услуги, Хорхе Мореира да Силва, уште пред две недели изјави дека ОН развиле механизам за „едношалтерска платформа“ што може да се активира во рок од седум дена откако ќе се даде политичко овластување. 

Договорот би опфаќал привремено прекинување на блокадите од двете страни за бродови со строго дефинирана категорија хуманитарен товар (како уреа, амонијак и ѓубриво) наменет за земји што не се вклучени во војната.

******
Види и: Глобалниот систем за храна е пред колапс

11 мај 2026 - 15:40