Во прв извештај од ваков тип Европската комисија „во карактеристичен технократски жаргон“ ја опишува Кина како „системски ривал“, чија економска моќ и политичко влијание расте со до сега невиден обем и брзина.
„Како стигнавме до тука?
Прва беше приказната за соларните панели. Европските производители некогаш ја уживаа предноста на најнапредни во оваа поле, а сепак индустријата денес речиси се збришана од Европа. Погледни ја листата на 10 најголеми производители на соларни панели. Во 2001, 5 се европски. Во 2018, 8 се кинески; а другите 2 се од Канада и Јужна Кореја.
Потоа ја имаш Кука, најскапоцениот камен на германската роботика, кој во 2016 беше преземен од кинескиот производител на бела техника Мидеа. Тоа што следуваше стана дел од сега препознатлива шема: кога компанија е преземена од Кинези, нејзините европски добавувачи веднаш се напуштаат и се заменуваат со кинеските поевтини производители.
Последната закана доаѓа од кинеската индустрија за комерцијални авиони. Американскиот производител Боинг проценува дека во текот на следните две децении на Кина ќе и бидат потребни 7.690 нови авиони во вредност од 1,2 илјади милијарди долари. Ова е огромна можност за кинеската домашна индустрија, а Пекинг ја смета опремата за авијација како една од 10-те стратешки индустрии што ќе добијат поддршка преку иницијативата ’Произведено во Кина 2025’.
Експертите од индустријата проценуваат дека на Кина ќе и бидат потребни 10 години за да може да се натпреварува со Боинг и Ербас. Ама ова не значи дека Кина многу заостанува зад западните конкуренти. 10 години брзо ќе минат. До 2030 ќе паднат и последните упоришта, Европа ќе биде под директна закана да биде проголтана од земја која е три или четири пати поголема од Европската Унија,“ пишува Бруно Макаеш во текстот за Политико.
Проблемите што ЕУ ги има со Кина се речиси идентични со проблемите што Американците ги имаат со Кина. Меѓутоа Макаеш објаснува дека кога Боинг ќе се почувствува загрозен САД има начин како да ја донесе Кина на преговарачка маса, за разлика од нив ЕУ не може да го одбрани Ербас затоа што е премногу разделена.
„Денес ниту обично гласање во Советот на Европа не може да го собере потребното мнозинство ако се смета дека одлуката ќе биде спротивна со кинеските интереси во Европа.
Држави како Унгарија или Грција - веќе долги години помагани од Кина и желни да го усреќат Пекинг - ќе стават вето на тоа.
Работите би биле поинакви ако ЕУ беше вистинска политичка унија - немаше да има унгарско или грчко вето. Главните градови на членките ќе ги изгубеа своите овластувања во надворешната политика и демократското гласање ќе ги регулира надворешните односи.
Европејците веќе 70 години се обидуваат да постигнат ваква Унија, меѓутоа таа останува неисполнето ветување. Можеби за тоа на ЕУ и недостасува најосновната состојка на политичкото единство: страв од надворешна закана,“ пишува Макаеш.
Ваквиот „одмор од историјата“ што ЕУ го уживаше со децении делумно беше обезбеден од САД и неговото ветување дека ќе ги пази своите сојузници, кои под ваква заштита комплетно ја исклучија надворешната опасност, без притоа да им пречи наметнувањето на Вашингтон „главно заради сличноста во вредностите и целите на двете страни на Атлантикот“.
Денес, во пресметката со Кина, Европа нема да може да се потпре на тоа дека САД ќе бидат подготвени да застанат на нејзина страна.
„Дури и додека Кина - со својата неспоредлива економска и технолошка динамика - почнува да наликува на далеку поголема закана за Европејците отколку што Советскиот сојуз некогаш бил, Вашингтон изгледа како да нема ниту капацитет, ниту волја да ја репризира својата улога од Втората светска војна,“ порачува Макаеш.