Како да исчистиш автопат од 20 метри висок снег

Разговорот е со локални возачи на камиони за чистење снег од крајбрежниот јапонски град Тојама, кој со просек од околу 4 метри снег годишно за јапонски услови и не е нешто страшно снежен град. (Рекордер им е бањското одморалиште Сукају Онсен со просек на врнежи од 17,6 метри снег годишно.)

Освен градот, каде што се случува во една ноќ да паднат и по 30 сантиметри снег, кои "мораме да ги исчистиме во текот на ноќта за утрото да можат луѓето да се движат", тие се задолжени и за чистење на Снежниот кањон на планината Татејама, една од трите свети планини во Јапонија.

Во овој дел од западна Јапонија се наоѓа и Снежниот кањон, кој го добива името по редовните зимски монсуни, предизвикани од студениот сибирски воздух кој го преминува Јапонското море и на јапонските острови пристигнува како облаци снег кои се истураат на брегот. За време на зимата, снежните ѕидови на кањонот достигнуваат до 20 метри.

Чистењето на патиштата на кањонот заради оддалеченоста и постојаните врнежи снег започнува некаде во првите седмици од март. Од целата флота што ја имаат на располагање, прв во снегот влегува булдожер опремен со ГПС и сателитски телефон. Двата уреди на возилото работат заеднички за во снегот на возачот да му ја означат патеката под која се наоѓа автопатот. Овој булдожер не го чисти снегот туку само ја обележува патеката по која треба да се води останатата механизација.

Првиот булдожер што трга по него го турка снегот до некој отворен простор од каде се има излез во провалија или дол во кој се фрла снегот. Кога булдожерите и багерите го имаат исчистено снегот до височина од 1,8 метри, на ред доаѓа ХТР608, "комбајнот" за снег со 608 коњски сили, кој до висина од 1,8 метри го собира снегот и го исфрла во далечина од 15 метри. По "комбајнот" за прв пат во годината се појавува асфалтот на Снежниот кањон.

Операцијата за чистење на делницата од 22,5 км, од излезот на Тојама до крајот на Снежниот кањон, трае околу еден месец. Некаде кон средината на април, кањонот е прооден и отворен за туристи.

 

11 март 2017 - 13:54