Целата магија е во тоа да ги исцрташ границите на изборната единица така што ќе опфати што е можно повеќе твои гласачи. Во објаснувањето на стратегијата Вашингтон пост почнува со 50 граѓани, поделени во пет колони од кои 2 се црвени, 3 се сини. Со овој распоред и вертикални изборни граници, победник на изборите е сината партија со 3 спрема 2.
Во второто сценарио се' останува исто, само што сега Сините се на власт и одлучуваат да ја сменат поделбата на колоните и наместо вертикални да воведат хоризонтални граници. Со оваа промена сините освојуваат 5 од 5 области. Ваков резултат имаше во Њујорк во 2012-та, на општите избори, кога Демократите освоија 66% од гласовите, меѓутоа заради поделеноста на изборните единици тоа им донесе 21 од 27-те мандати.
Третата варијанта е кога црвената партија е на власт. Свесни се дека ги немаат бројките, ама власта им дозволува да се креативни со границите. Тие го расцепкуваат синото гласачко тело, кое иако е побројно сега успева да освои само 2 од 5-те области. И покрај тоа што се 40% од населението, Црвените освојуваат 60% од мандатите. Ова се случува во Пенсилванија во 2012-та, кога демократите освојуваат 51% од гласовите, а за нив добиваат само 5 од 18-те мандати.
Предлогот на Кристофер Инграм во текстот за Пост е поделбата на границите комплетно да се земе од рацете на луѓето, бидејќи веќе има софтвер кој може да ја заврши оваа работа, "ама со среќа нека ти е убедувањето на кој било политичар да се согласи со ова."