Ниту еден припадник на армијата нема монопол врз воениот наратив, тој се менува врз основа на тоа каде си служел, кога си бил таму, што била твојата улога, и уште илјадници елементи - вели Герет Репенхаген кој служел во Првата пешадиска дивизија на американската армија, на мировни мисии во Косово и на воена мисија во Ирак во 2004. Денес работи како регионален директор на фондацијата Ветвојс, како адвокат на ветераните. Еве ги неговите коментари на „Американски снајпер" на Иствуд (за којшто пишувавме тука):
Портретот на главниот лик, Крис Кајл, е реален, има голем број војници кои веруваат во „благородната кауза", став кој им се зацврстува по бројните мисии и она што им се случува дома. Но тоа не значи дека сите мислат дека Ирачаните се „дивјаци". Жителите на Ирак се горди на нивната историја, на нивниот национален идентитет - имам запознато неверојатни Ирачани во текот и после моите мисии, и срамно е тоа што филмот отсликува такво непознавање коешто овие луѓе може да ги стави во опасност.
За разлика од Крис Кајл кој во филмот тврди дека неговиот пост-трауматски синдром произлегува од неговата неспособност да спаси поголем број војници, опасност по моето ментално здравје беше нешто што го нарекувам „морална повреда", што станува популарен термин во голем број ветерански кругови.
Како снајперист не бев жртва на трауматски настани, но сепак бев предизвикувач на насилство и на смрт. Би можел полесно да ги прифатам моите постапки доколку би верувал дека целата мисија беше за повисоко добро. Но наместо тоа бев сведок на постепеното разоткривање на вистинската цел на мисијата.
Служев во Ирак од 2004-2005. Во текот на тоа време почнавме да сфаќаме дека таму нема оружје за масовно уништување, извештајот од 9/11 тврдеше дека Ирак не е вмешан во терористичките напади на Светскиот трговски центар, на Ирак му беше доделен лажен суверенитет, беа разоткриени злосторствата во Абу Граиб, а се водеше битката за Фалуџа.
Уништувањето во коешто учествував одеднаш се помеша со вестите дека причините за нашето водење војна биле всушност лажни. Мојата војна беше сосема различна од онаа на Крис Кајл. Тоа не значи дека неговата е погрешна, а мојата исправна. Но значи дека ниту едно искуство не е дефинитивно.
Филмот прикажува сцени кои имаат многу скуден политички и регионален контекст. Очигледно тоа била свесна одлука на Клинт Иствуд, да ја изостави причината за инвазијата од страна на САД. И не е чудно што некои твитаа дека филмот ги инспирирал да „убијат неколку со чалми", и што мислат дека тоа е ултимативната приказна за војната.
Би било освежување доколку еден голем холивудски филм би се зафатил со задачата да создаде помалку драматизирана, а понијансирана верзија на војувањето. Има неколку сјајни документарци на темата - Occupation Dreamland и Restrеpo се прикажуваат живот на еден војник без да го зашеќеруваат политичкиот контекст кој стои во основата на конфликтот.
Одговорноста на правење таков филм, кој ќе ја земе предвид сета политичка и општествена динамика сепак не паѓа само на еден индивидуален автор на филмот. На крајот на краиштата, тоа е само филм. Но тоа значи дека публикта треба и да го третира како таков, и да се образува пред избрзано да донесе заклучок дека целата војна била таква. Оттаму, ако навистина некој сака да биде патриот-Американец треба да си ги држи двете очи отворени и да одржува 360 степени свесност. Тоа значи не само да се гледа „Американски снајпер" туку и да се гледаат и други филмови и да се чита во врска со конфликтот. Зборувајте со колку што можете повеќе ветерани за да добиете целосна перспектива на воените искуства и на нивните последици, пишува Салон.