Неделава, за прв пат во историјата големопродажната цена на струјата во Квинсленд падна во "негативна територија" (околу нула долари) и тука се држеше речиси неколку дена. Обично цената се движи околу 40 до 50 долари за мегават час.
Негативната цена на големопродажба не е нешто ново, меѓутоа речиси секогаш се случува навечер, кога популацијата обично спие и побарувачката за струја е далеку пониска, а термоцентралите одбиваат да ги изгасат генераторите. Меѓутоа ова никогаш не се случило сред ден, околу ручек, кога цените на струјата треба да се највисоки, и кога производителите ги прават најголемите пари.
Причина за ова се соларните панели. Само во Квинсленд се произведуваат 1.100 мегавати од панели на повеќе од 350.000 објекти (3.400 мегавати од 1,2 милиони згради низ целата земја). Ова е и главната причина и за тоа што само мал број од операторите на термоцентрали во Австралија направија профит минатата година.
Заради богатството со јаглен и последователната ниска цена, производството на енергија во термоцентралите во Австралија е прилично евтино. Проблемот е во распротстранетоста на Австралија, заради што има вонредно високи цени за дистрибуција на струјата.
Сето ова ги тера Австралијанците да инсталираат соларни панели, а процените се дека до 2023/24-та тие ќе потрошат околу 30 милијарди долари на соларни панели.
Според основачот на водечкиот австралиски сајт за обновлива енергија, Reneweconomy.com.au, Жил Паркинсон, дури и јагленот да стане бесплатен, енергијата од термоелектраните пак ќе биде поскапа од сончевата енергија.
"Само надоместокот за мрежа и за препродавачите додава околу 19 центи на киловат час, додека вкупната цена на киловат час соларна енергија се движи од 12 до 18 центи. Оваа сума се очекува да падне уште повеќе и да изнесува околу 10 центи од киловат час," пишува Паркинсон во својата колумна за Гардијан, во која објаснува дека соларната енергија веќе неповратно триумфирала во Австралија.