Хоророт на остарените Американци кои уште отплаќаат студентски кредити

Позајмил: 79.000 долари. Досега платил: 190.000 долари. Уште колку должи? Уште 236.000 долари! На свои 59 години, Крис побарал од банката да репреговараат: „Статистички, имам да поживеам уште 15 години. Со вакво темпо, нема да добиете многу... “ Нивната реакција била: „И?“

Крис е псевдоним под кој човекот прифатил да му ја раскаже својата приказна на Мат Таиби, велејќи дека поради неговата деловна позиција, не му е баш најпаметно да се рекламира дека должи преку 200 илјади долари.

Се заборчил уште во 1981 година, гледајќи на своето студирање како на капитална инвестиција. Откако Американците го изгласуваат Реган, тој ја дига каматата за студентските кредити од 7% на 9%. Парадоксално, ако во првите години Крис не плаќал редовно, ќе бил закачен за пониската стапка. Ама плаќал па го врзале за повисоката. Згора на тоа, со тек на времето, студентските кредити постепено излегуваат од зоната на „даночни олеснувања“.

Системот на студентски кредити во САД почива на неколку претпоставки, сите нереалистични, пишува Таиби. Една е дека луѓето со високо академско звање веднаш ќе бидат вработени во својата област. Тоа одамна не е точно. После кризата од 2008, бројот на оние со завршени правни студии кои и после една година не можат да најдат работа бил триплиран.

Втората претпоставка е дека луѓето со диплома секогаш ќе останат во своите области и попат ќе избегнат несреќи, болести, лични проблеми и други спунтови кои ќе им ја пореметат замислената траекторија. Крис, на пример, во меѓувреме минал низ не баш пријателски развод кој му донел нови долгови.

Валканата тајна на системот е дека во кредитирањето не е важна самата сума колку што е важен постојаниот прилив на пари. Затоа е смислен редоследот:

„Прво ги плаќаш казните ако нередовно си плаќал, потоа ги плаќаш каматите па дури потоа основицата. На тој начин им е гарантирано дека никогаш нема да успееш да се извадиш од плаќање,“ вели Крис.

Иако студентските кредити политичарите ги третираат како тема за младите, приказната на Крис покажува дека проблемот е многу поширок.

Крис признава дека можеби и тој направил утки во своите проценки но вели дека утки направиле и Форд и Крајслер и големите банки, па државата наоѓала начин да им се најде.

7 декември 2020 - 12:02