Хиероглифите се чини дека решаваат некои од големите мистерии на античкиот свет. Кои беа Тројанците поразени од грчките херои за што пишуваше Хомер? Дали тие биле поврзани со Морските луѓе (Sea Peoples), непознатите воини кои ги пустошеле бреговите на Медитеранот во 13 и 12 век п.н.е. „Бродовите на непријателот дојдоа; моите градови беа запалени, а тие ѝ сторија зло на мојата земја“, тагуваше писател од местото што денес е Сирија.
Но, во исто време се поставува прашањето дали тие се премногу добри за да бидат вистинити?
Кога Џејмс Меларт, еден од најпознатите но контроверзни британски археолози од минатиот век, почина пред пет години, истражувачите беа вчудовидени кога меѓу неговите документи најдоа серија хиероглифски (во должина преку 30 метри), што се чинеше дека го револуционизира нашето разбирање за Медитеранот на Хомер.
Хиероглифите изгледаа како да ги спојуваат расфрланите записи за легендарните Морски луѓе, давајќи објаснување за војните што се чини дека го уништија регионот и го навестија потеклото на митот за Троја. Сепак, многумина шпекулираат дека тие можат да бидат академски Тројански коњ, оставени меѓу работите на археологот за постхумно да се докаже неговата омилена теорија.
Натписите се на јазикот на древните Лувијци и наводно биле копирани од плочи пронајдени од француски археолог во 19 век во Турција, кои потоа селаните ги вградиле во темелите на џамија.
Во текот на децениите копиите биле прекопирани и заборавени, сè до смртта на Меларт, кој почина во 2012 година, на 86 годишна возраст, кога беа пронајдени од неговиот син.
Тогаш беа преведени од холандскиот научник Фред Вудхуизен, еден од малкумината академици ширум светот кои можат да читаат Лувијски по што беа објавени во списанието на Холандското археолошко-историско друштво.
Лувијците го населувале просторот во денешна западна Турција, вклучувајќи го и античкиот град за кој се верува дека е Троја. На натписите се опишува владеењето на кралот Купанта-курунтас од 12 век п.н.е. и поморските подвизи на принцот Муксус. Тоа се совпаѓа со периодот за кој што поромантичните научници веруваат дека била Тројанската војна.
Може ли Тројанската војна што ја запишал Хомер во Илијадата и Одисејата да биде народно сеќавање за одмазднички напад од страна на Грците против Лувијците?
Написот толку совршено одговара, што Марк Веден, експерт во Школата за ориентални и африкански студии, вели дека претпочита да размислува за тоа како за „фантазија“.
„Мислам дека фалсификат е претежок збор“, изјави тој за Тајмс.
Дали хиерогилофите се вистински? Алан Меларт, кој ги пронајде, вели дека не е експерт, но сепак, тешко му е да поверува дека неговиот татко ги поминал годините во пензија за да компонира Лувијски написи.
„Знам дека мојот татко беше умен и можам да сведочам дека го видов како црта стотици карти, но никогаш не го видов да пишува Лувијски.“