Грижата за пари ви го пореметува размислувањето

Ако протокот на мисли во мозокот го сфатиме како броудбенд интернет, тогаш проблемите за пари се торент што симнува ХД филм на максимум брзина.

Размислувањето на проблемите со пари влијаат на вашите когнитивни способности исто како една вечер да сте прескокнале спиење.

"Финансиските стеги одземаат голем дел од вашето внимание. Потоа ви останува многу помалку бендвит за да решавате проблеми. Вашата когнитивна способност почнува да забавува, исто како кај компјутер," објаснува психологот од Универзитетот Принстон, Елдар Шафир.

Во студијата на Принстон биле анализирани фармери од Индија и луѓе во трговски центар во Њу Џерси.

Американците биле луѓе од средната и ниска класа, меѓу кои најниските приходи биле околу 20.000 долари годишно, но просекот се движел околу 70.000 долари.

На тестот ти требало да одговорат на прашање околу пари: "На еден човек му се расипува автомобилот, и му требаат Х долари за да го поправи. Кажи кои опции му се на располагање?"

Луѓето со пониски приходи на овој тест имале исти резултати како и оние со повисоки приходи, кога цената на поправката била 100 долари. Меѓутоа, кога научниците ја кренале цената на 1.500 долари, посиромашните имале полоши резултати.

"Прашањето со парите го активира делот од мозокот задолжен за вашите финансии. Потоа почнуваш да си мислиш 'како ќе ја платам киријата месецов?' и тоа почнува да ти пречи во твојата способност да решиш некој проблем," објаснува економистот од Харвард, Сендил Мулаинатан, кој исто така работел на истражувањето.

Слично однесување имало и кај земјоделците од Индија кои добиваат пари само еднаш годишно. Ним им биле поставени прашања пред жетвата (кога се при крај со парите од минатата година), и по жетвата (кога ги добиле парите за годинава). Пред жетвата тие имале далеку пониски резултати на тестовите за интелигенција, отколку кога добиле пари.

Авторите на студијата објаснуваат дека сиромашните не се помалку паметни или способни во споредба од богатите, туку сиромаштијата одзема поголем дел од менталниот капацитет.

"Кога сиромашните се фокусираат на нешто тие подобро ги менаџираат своите пари отколку богатите. Меѓутоа додека тоа го прават многу добро, тие имаат помалку внимание за да им се посветат на други работи," објаснува Елдар Шафир.

2 септември 2013 - 11:13