
Германските здравствени власти неодамна го започнаа тн Хајнсберг протокол, студија за потемелно испитување на малото место Гангелт, во близина на Келн, гратче во кое беа регистрирани првите жртви од ковид-19.
Се работи за тестирање на случаен примерок од 1.000 луѓе што е добар сегмент од вкупната популација на местото кое брои 12.000 луѓе.
Прелиминарните резултати покажуваат дека 15% од луѓето во Гангелт го имаат или го имале вирусот. Спротивно на националните бројки, смртноста од ковид-19 во местото е 0,37% што е само една петина од општата стапка на смртност, темелена на потврдените позитивни тестови во Германија како целина.
Стапката на смртност, односно процентот на смртни случаи меѓу дијагностицираните, е пониска од националната бидејќи овде се влезени и луѓе без симптоми или со умерени симптоми, лица кои не би влегле во онаа бројка која ја генерира стапката на смртност на национално ниво.
Тестирањата се вршени со тестови за антитела а водачот на истражувањето, професор Хендрик Штрeeк од Универзитетот во Бон, им заблагодари на жителите за нивната кооперативност. Во меѓувреме, во тек е и една помасовна студија (со околу 5.000 лица) во Минхен но за тие резултати ќе се почека уште 7 до 10 дена.
Охрабрувачката стапка од 0,37% би можела да испадне и уште помала: германски патолог од Универзитетската клиника од Хамбург, во едно телевизиско појавување вчера обелодени дека од 44 лица заведени како жртви на коронавирус на кои тој им вршел обдукција, деветмина не починале од самиот вирус туку од други здравствени проблеми.
******