
Финска е меѓу последните европски земји што воведува забрана за користење мобилни телефони во училиштата, поради нивното негативно влијание врз благосостојбата и учењето на децата.
Согласно законските измени, одобрени од парламентот, од 1 август користењето мобилни уреди ќе биде строго ограничено за време на часовите. Учениците ќе може да ги носат мобилните со себе, но ќе им биде дозволено да ги користат само со дозвола на наставникот во случај на здравствени проблеми или како помагало за совладување материјал. Ако ученик ја попречува наставата со својот мобилен уред, наставникот ќе има право да го отстрани од училиштето. Забраната важи и за време на одморите и оброците.
Кога Данска пред неколку месеци ги забрани мобилните телефони, претседателот на Комисијата за благосостојба Расмус Маер, изјави дека мерката била неопходна за да се заштитат училиштата од „колонизирање со дигитални платформи“. Комисија откри дека 94% од децата во Данска имаат свој профил на социјалните мрежи пред да наполнат 13 години, што е под дозволената минимална возраст. Децата на возраст од 9 до 14 години поминуваат во просек по три часа дневно на платформите со визуелни содржини како ТикТок или Јутјуб.
Франција уште во 2018 години забрани мобилни уреди во основните и средните училишта. Норвешка неодамна објави строга минимална старосна граница од 15 години за присуство на социјалните мрежи. Во Британија нема забрана на национално ниво, но мобилните се забранети во 99,8% од основните училишта и во 90% од средните.
Финските пратеници побараа од Министерството за образование и култура да спроведе студија за ефектите од ограничувањето до крајот на следната година, а потоа, ако се процени дека е потребно, ќе бидат спроведени дополнителни мерки.
Задача на училиштата не е само да шират знаење, туку и социјални вештини. Можеби ќе играат повеќе за време на одмор и ќе разговараат лице в лице, не само преку мобилен телефон, изјави министерот за образование Андерс Адлеркројц.
******
Види и:
На учениците не им пречи настава без мобилни, туку наметнувањето забрани