Во најголемиот ек на финансиската криза во Грција, редовно беше споменувано сценарио во кое земјата излегува од еврозоната или од ЕУ, или од двете. За нивна среќа или несреќа ова не се случува.
Кога во 2015 новоизбраната грчка влада решава да си ги проба силите со ЕУ, носејќи ги преговорите на „работ од сигурна смрт“, сето тоа наликува на трка меѓу „мопед против германски камион.“ Грците во последен момент за 180 степени ја вртат својата позиција, па и покрај референдум на кој 61% од граѓаните се против договорот, грчкиот парламент гласа во корист на третиот пакет за спас, со што комплетно стави крај на шпекулациите за грегзит.
Според поранешниот грчки министер за финансии, Папаконстантину, има голем број лекции кои од ова може да се научат во контекст на брегзит.
„Прво, преговарачката сила никогаш не е на страната на ниту една индивидуална држава.
Ова значи дека ЕУ не може да биде ниту уценета ниту разделена преку изградба на корисни сојузништва, посебно од држава која го напушта клубот.
Ниту пак земјите членки на ЕУ можат да ги прескокнат бирократите и директно да апелираат до политичарите, затоа што никакви политички преговори не можат да ги игнорираат техничките и правни проблеми,“ пишува Папаконстантину.
Сличноста меѓу Грција и Британија е што и двете немаа разбирање за политичката и институционална динамика на ЕУ. Ова кај Британците се одрази во создавањето погрешна преговарачка стратегија во која тие имаат погрешна верба во надмоќта што ќе ја добијат од големината и важноста на Британија.
„Британските власти немаа јасна долгорочна стратегија. Желбата да се напушти ЕУ не е доволна; ти треба и јасен план за тоа што ќе се случува дента по излегувањето,“ објаснува поранешниот министер.
Дополнителна сличност е што и во двата случаи времето работи во корист на ЕУ. До 2015 (грчката криза започна 2010) ЕУ е далеку подобро подготвена за справување со грегзит, исто како што денес е поподготвена за справување со брегзит.
Колку што ЕУ и нејзините принципи, бирократија и придржување до правилата се заслужни за ова, толку придонесе и килавиот британски систем за носење внатрешни одлуки.
„Како што се приближуваме кон крајниот датум за брегзит, има неколку работи кои го оформуваат ова прашање од страната на ЕУ. Тие вклучуваат свесност дека во Долниот дом на парламентот не постои мнозинство за која било брегзит опција; уверување дека Тереза Меј нема поддршка за реален компромис; сомнеж дека радикалните брегзитери намерно го трошат времето до крајниот рок за напуштање на ЕУ; и растечка сомнеж колку е паметно спроведување на втор референдум.
Преовладувачкото мислење зад заедничката позиција на ЕУ околу брегзит моментално потсетува на она што важеше и за Грција: ’доста веќе’.
Сето ова навестува дека, наспроти очекувањата на про-брегзит кампот, ЕУ нема да трепне. Може ќе направи козметички отстапки како последен обид да добие мнозинство во Долниот дом, но ништо повеќе. Наместо тоа ќе се фокусира на сопственото единство и ќе се подготвува за потенцијалните исходи,“ порачува Папаконстантину.