Економскиот мит од олимписки размери

Олимписката легенда вели дека организирањето на Игрите е економски благодет за градот и земјата домаќин. Олимписката реалност е Рио, пишува професорот по економија Ендру Зимбалист.

Тој почнува од доделувањето на организацијата, кое го прави МОК, "нерегулиран глобален монопол, кој на две години спроведува аукции во кои светските градови се натпреваруваат еден против друг за да ја докажат својата прикладност за организирање." Делегациите се предводени од директори (најчесто од градежната индустрија) кои би имале и најголем ќар од добивањето на организацијата.

"Резултатот на овој процес обично е предвидлив: градовите победници обично претеруваат во својата понуда.

Денешната цена за организирање на Летна Олимпијада е меѓу 15 и 20 милијарди долари, вклучително и изградба и реновирање на објектите и инфраструктурата. Вкупните приходи за градот домаќин од телевизиски права, спонзорства, продажба на влезници, сувенири и слично е меѓу 3,5 и 4,5 милијарди долари. Со други зборови, трошоците лагодно ги надминуваат приходите за над 10 милијарди долари," пишува Зимбалист.

               

Аргументите за организирање на ОИ се дека краткорочниот минус, на долг рок ќе се претвори во плус заради туризам, странски инвестиции, раст на трговија и слично, "повторно, емпириските докази не го поддржуваат ова тврдење."

Како контра-аргумент тој го наведува туризмот, кој во примерот со Лондон, во јули и август 2012 паѓа за 5%, бидејќи "секојдневните туристи ги избегнуваат олимписките градови за време на Игрите, заради гужва, проблеми со транспорт, зголемени цени и можни безбедносни закани."

Зимбалист подеднакво е збунет од тоа како човек може да тврди дека компанија би можела да инвестира во еден град само по основа дека има организирано Олимпијада, "ако ништо друго, трошокот од организацијата создава фискални проблеми за градот, кои значат и помалку погодна бизнис околина во иднина."

Кај Рио целиот проект предизвика и сериозен бунт од локалците кој заврши на насловните низ цел свет, а беше смируван со интервенција на полицијата, "па градот кој некогаш беше познат по природна убавина и весел животен стил, сега е познат по корупција, насилство, лош сообраќај, загадување, политичка нестабилност и Зика вирусот."

Една од областите во која може да се извади ќар од организацијата се инвестициите во инфраструктурата, што во случајот со Рио беше метро во вредност од 2,9 милијарди долари, или во случајот со Атина 2004, нова инфраструктура низ цела земја.

"На крајот, организирањето на Олимписки игри е голема економска кладба за кој било град. Помалку развиените градови со несоодветна инфраструктура мораат повеќе да потрошат за да ги исполнат барањата на МОК за транспорт, комуникации и сместување; поразвиените градови пак ја имаат инфраструктурата, меѓутоа не и неопходното земјиште, и ризикуваат да им попречат на напредните индустрии со остварувањето на Игрите," пишува професорот од Смит колеџот.

8 август 2016 - 15:02