Не само за мандатот на Енрике Пења Нието, НАФТА е еден од клучните договори и за мексиканската економија. По твитот на Трамп, мексиканскиот пезос веднаш изгуби на вредност, а Мексиканците инсистираа нивниот претседател да ја откаже посетата на САД.
"На тема Мексико, Трамп изгледа како да копира цели страни од неговата книга за преговарање, Уметноста на договорот," пишува Ана Кампој во текстот за Кварц.
Таа ја анализира книгата на Трамп од 1987 и неговите досегашни постапки во однос на Мексико. Заклучоците се:
Совет: Размислувај големо
Пракса: Уште од прва проектот беше мегаломански, ѕид со должина од 3218 километри, направен од бетон и во одредени делови се простира преку непробоен терен. Во текот на кампањата Трамп го зголеми влогот ветувајќи дека ќе го натера Мексико да плати за изградбата на ѕидот. Откако беше избран тој малку ги смири плановите најавувајќи дека на одредени делови од рутата ќе има само ограда, наместо ѕид. И покрај ова концептот и понатаму е "мегаломански и по тежината на изведбата и по моќта да навреди".
Совет: Максимизирање на опциите
Пракса: Повеќе луѓе забележаа дека Трамп има тенденција да си остава слободен простор со цел да може да ескивира во текот на преговорите. По овој терк, сосема е логично што Трамп потпишува извршна наредба за изградба на ѕидот, додека дели пофалби за Пења Нието.
"Држам многу топки во воздух, затоа што најголемиот дел од преговорите не успеваат, без разлика колку тие ветувале на почетокот," пишува Трамп во својата книга.
Пример за неговото ескивирање околу ѕидот е првичното ветување дека ѕидот ќе биде висок 20 метри, за потоа да ретерира дека во одредени делови ќе биде само ограда. "И понатаму тој го нарекува ѕид".
Совет: Користи ги своите предности
Пракса: Трамп секако ја користи надмоќта на САД над Мексико, посебно во областите каде што најмногу боли. 37% од БДП-то на Мексико отпаѓа на извоз. Доколку Трамп го напушти НАФТА договорот, или воведе поголеми даноци, овие бројки сериозно ќе настрадаат.
Втори на удар се паричните пратки од имигрантите што пристигнуваат во Мексико кои ги надминуваат вкупните приходи од мексиканската нафтена индустрија. Трамп се закани дека ќе воведе данок на овие пари.
Совет: Ширење на муабетот.
Пракса: Трамп секогаш го гледа публицитетот како една од алатките за постигнување договор. Во книгата Трамп пишува: "Една од работите што ги научив околу медиумите е дека тие секогаш се гладни за добра приказна, и колку е таа посензационална толку е подобро... ако си малку поинаков, малку скандалозен, или ако правиш работи што се храбри и контроверзни, печатот ќе пишува за тебе."
Ѕидот ги проаѓа сите овие тестови: Поинаков, скандалозен, храбар, контроверзен.
Совет: Бори се.
Пракса: До сега Мексико не се покажа како тепач, и тоа може да е разумна позиција. Во книгата Трамп пишува "кога луѓето се однесуваат лошо или не фер со мене или сакаат да ме искористат, моја позиција, цел живот, е да вратам многу силно."
Совет: Испорачување на производот (ветеното)
Пракса: Во времето кога ја објавува книгата, Трамп пишува дека радоста и возбудата од преговарањето во еден момент мора да резултираат со нешто конкретно, бидејќи "ако не испорачаш, луѓето со тек на време ќе те фатат (дека си измамник)".
Временската забелешка на Кампој од претходниот пасус, се однесува на тоа што во моментов никој не знае или не кажува ништо поконкретно околу ѕидот, плус се уште не е ни најмалку познато или има индикации дали тој од преговорите ќе го испорача договорот кој е најдобар за САД. Вториот дел од проблемот е што се уште не е утврдено кој е најдобар договор за САД, дали тоа е да се имаат повеќе фабрики и помалку мигранти, или американскиот потрошувач да има достапни производи, а компаниите да бидат компетитивни на пазарот.
Проблемот со употреба на "могулските тактики на државнички функции" е дали ќе биде победа за Американците, ако најдобриот договор за Америка предизвика криза во Мексико што ќе доведе до пораст на нелегалните мигранти од земјата.
Совет: Ограничување на трошоците, заштита на негативната страна
Пракса: Ако го следи овој совет, тој треба да бара начини да избегнува појавување на какви било трошоци спомнати погоре. Колку ќе пораснат безбедносните трошоци ако Мексико падне во економска и политичка криза? Колку работни места ќе бидат изгубени ако американските компании немаат пристап до евтина работна сила во Мексико, или до нелегалните работници во границите на САД?
Совет: Нека ти биде интересно.
Пракса: Трамп го опишува постигнувањето договори како компетитивен спорт во кој парите служат чисто за броење на резултатот. Неговите забелешки пред и по кампањата покажуваат дека тој слично гледа на меѓународните односи, посебно трговијата, како - нулта сума. Следејќи го ова, тој неодамна збореше за комплетна измена на американско-мексиканските односи кои ќе бидат вин-вин ситуација за двете страни, иако истовремено продолжува да го зголемува непријателството меѓу двете страни.