Двајцата играчи, генерално се исти по стил на игра, физички изглед и посветеност на играта. Според статистичарите од fivethirtyeight.com (сајтот на легендарно точниот статистичар Нејт Силверман) за споредбата меѓу овие двајца да биде точна и да нема мешање, треба да се имаат предвид годините на двајцата. Коби ја почнува кариерата на 18 години, а денес има 36; Џордан ја почнува на 21 година и се пензионира на 34, па потоа повторно игра од 38 до 39. "Значи годините во кои се поклопуваат се од 21 до 34."
Во овој период напаѓачкиот рејтинг (колку кошеви ќе дадеш од 100 топки во твој посед, тука целата формула) на Џордан е 118,4, додека Брајант има 112,4. Тие дополнително пресметуваат дека разликата во оваа ставка од 6 поени може да значи дополнителни 4 победи во сезона од 82 натпревара.
Додека игра во Чикаго, Џордан има 31,9% од поседот на топката на тимот додека е во игра, кај Коби ова е 31,6%.
"Ова покажува дека со генерално ист волумен на напади спроведуван преку овие играчи, Џордан бил многу поефикасен отколку Брајант во претворање на поседот во кошеви.
Зошто? Џордан многу е попрецизен од Брајант, со вистински процент на шут од .580 наспроти .556 на Брајант - и во оваа бројка е вклучен и супериорниот шут за тројка на Брајант (посебно по бројност) и малата предност што Брајант ја има од линијата за слободни. Ова значи дека шутерскиот просек на Џордан речиси комплетно се должи на неговиот поголем успех за 2 поени, каде што го уништува Брајант со 52 наспроти 48 проценти, и покрај високата веројатност дека Брајант имал повеќе шутеви на кош за двојка поблизу до обрачот отколку Џордан," објаснува Нил Пејн во анализата за fivethirtyeight.com.
Процената на Пејн е дека во одбрана Брајант собира пофалби на "репутација а не на перформанси," плус Џордан има поголема стапка на украдени топки, банани и скокови во одбрана.
"Брајант ќе го стигне и помине Џордан на листата на најдобри стрелци на сите времиња, ама тоа не треба да се земе како индикатор дека Брајант е подобар кошаркар од Џордан. Напротив, најдобрите статистички докази што ни се на располагање покажуваат дека нема легитимен начин да се аргументира супериорноста на Брајант. Единствено природно е да се споредуваат двајцата играчи заради нивните површни сличности, ама сериозна анализа на бројките покажува дека секоја од овие споредби е смешна - Џордан е подобриот играч, и тоа со голема предност," завршува Пејн.