Џејмс Камерон: Им пишуваа дека ќе завршат како Титаник

Режисерот кој на вистинскиот Титаник има поминато повеќе време отколку оригиналниот капетан на бродот, ја критикуваше туристичката авантура да се организира скапо патување до потонатиот брод кое заврши фатално за четворицата патници и пилотот на подморницата (оној со џојстикот). Камерон е запрепастен од сличностите во судбините на големиот Титаник и малиот Титан.

„Многу луѓе упатени во темата беа загрижени околу оваа подморница. Врвни познавачи на длабочините дури ѝ пишуваа писма на компанијата предупредувајќи ја дека тоа што го прават е премногу експериментално за да земаат патници“, рече режисерот Џејмс Камерон.

Луѓето во подморницата Титан завршија на океанското дно, на околу 200 метри од славниот брод Титаник кој кинисаа да го видат. Се претпоставува дека имплозија во кабината ги има инстантно убиено сите, иако е можно тие веќе да биле мртви кога сè уште постоеја надежи дека можеби ќе бидат спасени.  

Камерон вели дека е погоден од сличноста со катастрофата на самиот Титаник, чиј капетан постојано бил предупредуван за огромен мраз пред неговиот брод, а тој сепак со полна брзина влетал во ледениот предизвик, во ноќ без месечина.

Самиот режисер има 33 пати одено до Титаник, вели дека на тој брод има поминато повеќе време отколку неговиот оригинален капетан и затоа му се јасни сите инженерски предизвици за правење пловило за тие длабочини.

„Колективно не ја научивме лекцијата. Ароганцијата и дрскоста ги пратија во смрт луѓето и од Титаник и од Титан,“ вели режисерот на блокбастерот од 1997 година.

А дека е длабоко, длабоко е. Ама, тоа не е дното. Ни приближно.

 

 

23 јуни 2023 - 12:35