Две патнички класи, убер алес

Лидер на германска левичарска партија предложи да се укине првата класа во возовите која и онака е главно празна додека остатокот од возот е преполн. Ќе го задавеа.

Лидер на германска левичарска партија предложи операторот на железничката мрежа, Дојче бан, да ја укине првата класа за да ја намали пренатрупаноста во возовите и да покаже сенс за енергетска ефикасност.

„Луѓе висат по ходници и коридори додека во првата класа има место колку сакаш. Си дозволуваме луксуз да влечеме празни вагони од преполни возови. Сите вагони треба да бидат отворени за секого и така ќе се направи доволно место а железничкиот транспорт ќе биде подостапен за луѓето,“ предложи Берн Риксингер, еден од двајцата лидери на партијата Де Линке.

Кочи мајсторе, беа реакциите кои укинувањето на двете класи го сметаат за третокласна глупост . Прво од асоцијацијата на патници кои излегоа со една здрава логика околу немањето место:

„Ако ни треба повеќе простор, тоа значи дека ни требаат повеќе вагони.“

Владиниот омбудсман за транспорт оцени дека се работи за „социјалистичка урамниловка“

„Ако некој е подготвен да да плати за поголемо седиште и повеќе простор, треба да му се овозможи така да го мине своето патување“, порача обудсманот Енак Ферлеман. 


Предлогот на Риксингер дојде после идејата на влијателното еколошко движење ФФФ (Fridаy for Future) кои предложија да се укинат домашните авио летови а луѓето да се охрабруваат да користат возови. Тие пробуваат во јавниот дискурс да го насадат поимот flugscham, што значи срам да се земе авион.

За германската железница има критики дека е бавна и старомодна иако доста е сработено на тоа поле. Пред две години беше завршена експресната линија меѓу Минхен и Берлин која беше дел од проектот за унифицирање на западот и истокот на земјата со која наместо за преку 6 часа како порано, таа релација сега се минува за помалку од 4 часа.

23 август 2019 - 14:27