“Ни треба револуција во чистата енергија и ни треба веднаш“, порачуваат од сајтот на форумот повикувајќи се на проценките дека на планетава нема доволно од критичните метали како што е кобалтот, литиумот, никелот, кои се клучни за чистите технологии.
Ни рециклирањето нема да го реши овој кусок бидејќи се предвидува дека до 2050-та, побарувачката за нив ќе се зголеми за 500%.
Што е тогаш решението? Да се прештимаме: наместо концептот на соптсвеност, да се навикнеме на концептот на користење.
„Бидете искрени“, продолжува статијата, „веројатно имате барем еден стар мобилен телефон во некоја фиока. Веројатно и некој некористен хард диск ви зафаќа простор. Не сте сами. Просечен автомобил или комбе во Англија се вози само 4% од времето... Ова воопшто не е ефикасно за ресурсите на планетава. Повеќе споделување може да ја намали сопственоста на опремата која е во мирување, а со тоа и употребата на материјалите. Платформите за споделување автомобили како што се Getaround и BlueSG веќе нудат возила каде што плаќате по искористен час“.
Се додава дека не само што луѓето треба да се откажат од сопственоста на сè, од автомобили до паметни телефони, туку дека технологиите и цивилизацијата треба да се редизајнираат за да се олесни оваа транзиција.
„За да се овозможи поширока транзиција од сопствеништво кон корисништво, треба да се смени и начинот на кој ги дизајнираме работите и системите... Потребен ни е нов модел на размислување и за редизајнирање на градовите и за многу други елементи“.
Форумот признава дека нема да биде лесно да се транзитира од поседување работи кон нивно изнајмување, но уверува дека ќе вреди. Треба само да им веруваме.
Никола Кљусев, првиот премиер на независна Македонија, во една прилика се залета дека не мора секој дома да има машина за алишта туку тоа може и колективно да се обавува. Кутар Кљусев, го развалија од критики дека сака да нè турне во некои назадни, темни и советски времиња.
Сега е тоа истото, само што сега се вика прогрес.