Дали Тејлор Свифт е таен агент на Пентагон?

И корпусот теории на заговор не може да остане на старите добри, „Земјата е рамна,“ „Плавооките луѓе се по потекло од Марс“ или „Ковачевски е од Харвард“. И на тоа поле се потребни новитети, особено кога постојат медиуми што се спремни да ги бустаат. Во случајов, Фокс њуз кој на секој начин пробува да ја пополни дупката во рејтингот која се направи со заминувањето на Такер Карлсон.

Дали Тејлор Свифт е тајна владина алатка што се користи за манипулација на јавното мислење на тинејџерките? Фокс њуз мисли дека има тука нешто па неодамна ја прогласи 34-годишната пејачка за агент за психолошки операции на Пентагон.

Оваа најнова теорија на заговор беше изнесена од водителот на Фокс, Џеси Вотерс кој сега, кога Такер го нема, пробува да го сврти вниманието, дури и со вакви смешни теории.

„Пред околу четири години, единицата за психолошки операции на Пентагон ја претвори Тејлор Свифт во своја алатка за време на одржување состанокот на НАТО“, ќе рече Вотерс.

Покажа и жена која наводно работи за министерството за одбрана и зборува за користење на Тејлор Свифт како „средство“ за борба против дезинформации на интернет.

„Ок е Свифт, ми се допаѓа нејзината музика, но дали некогаш сте се запрашале како нејзината популарност волку експлодираше?“, ќе загатне водителот.

Можеби затоа што e талентирана и има успешна кариера 20-тина години?

А за „жената од министерството за одбрана“: се вика Алиша Бергар, инжинер за податоци и истражување, спикер на 11-тата меѓународна конференција за сајбер конфликти, во име на Универзитетот Џон Хопкинс.

Вотерс тврдел и дека пред Свифт, луѓе на владата биле и Луис Армстронг, Нина Симоне, Елвис Присли и Мајкл Џексон.

 

 

14 јануари 2024 - 13:16