Морничавото наследство на Чарлс Менсон главно се должи на познатиот настан од 1969, кога во тек на две ноќи во Лос Анѓелес тој оркестрирал серија грозоморни убиства, извршени од страна на негови следбеници, култ познат како „Фамилијата“. Нападите резултираа со седумина мртви, меѓу кои и актерката Шерон Тејт, која била во осмиот месец на бременост. Останатите завршија со убодни рани или во нив било пукано, а извршителите со нивната крв испишале вулгарни пораки на ѕидовите.
Убиствата и пораките според планот требало да иницираат апокалиптична расна војна, по која Менсон и неговите следбеници би го презеле раководењето со светот. Наместо тоа, тој и неколку членови на култот беа фатени и осудени за убиствата, во тек на судења кои се сметаат за најдолгите и најскапите во американската историја. Првите изречени казни беа смртни, но тие се заменети со доживотни во моментот кога со одлука на калифорнискиот Врховен суд од 1972 првичната смртна казна е прогласена за спротивна на државниот устав. Менсон никого не убил со свои раце, но овој „екстремно интелигентен“ човек, како што го опишал Винсент Буљоси, обвинителот од судењето во 1970, успеал да убеди навидум пристојни и ненасилни млади луѓе од семејства од средната американска класа да убиваат по негова наредба.
Роден од 16-годишна мајка, тој најпрвин се викал Чарлс Мајлс Медокс, а презимето Менсон го добил од очувот. Јавно велел дека нема родители, а не знаел ни кој му е татко - неговата мајка била бездомник и се обидувала да се ослободи од детето. Неговото прво познато кривично дело - кражба во маркет - го извршил на 12 години, по што следел вооружен грабеж на 13. Често заршувал во затвор, па излегувал и се обидувал да се социјализира (имал неколку жени и деца), но многу бргу повторно бил апсен за различни дела. Извештаите за него вклучуваат описи како „екстремно опасен“ и „безбеден само под надзор“.
Во 1967 тој ја формира „Фамилијата“, квази-култ опседнат со хаос, кого на почетокот немал намера да го користи како машина за убивање. Но како што групата се ширела, така се зголемувало и неговото влијание. Дел од неговата привлечност се должела и на неговиот музички талент, кој додуша останал непрепознаен од тогашната музичка индустрија, на што бил особено лут. Верувал и дека низ музиката добива пораки за дејствување, особено преку песните на Битлси, од кои го има позајмено изразот „Хелтер скелтер“ за ултимативната војна помеѓу црнците и белците (за неговото толкување на стиховите на нивната истоимена песна тука). Ја сакал дистописката научно-фантастична литература, како романот „Странец во туѓа земја“ на Роберт Хајнлајн. Но книгата од којашто најмногу научил била онаа на Дејл Карнеги, „Како да добиеш пријатели и да влијаеш врз луѓе“, бестселер мотивациска книга, од која масовно користел цитати и тактики кои во очите на неговите следбеници го прикажувале како месија.
Менсон го искористил пријателството со Денис Вилсон, некогашен член на „Бич бојс“, селејќи се во неговата куќа во ЛА во 1968, заедно со неколку членови на Фамилијата. На Вилсон набргу му здосадиле и ги исфрлил од дома, но тие нашле ново засолниште, на филмскиот ранч Спан, северо-западно од Лос Анѓелес. Токму тука паднале и првите планови за убиствата.
Првото се случило на 25 јули 1969, кога бил убиен Хинман, пријател на групата, за да се украдат неговите пари кои ги добил преку наследство. По помалку од две недели поголема група приврзаници на Менсон се појавила во куќата на Шерон Тејт и нејзиниот сопруг, режисерот Роман Полански. Нивниот дом според толкувачите на настаните бил симболичен за естаблишментот и начинот на кој тој го отфрлал Менсон. Она што се случило на Сиело драјв 10050, е масовно крваво убиство кое ја шокирало јавноста. Четворица пријатели присутни во моментот се убиени, а самата Тејт, која молела да ја киндапираат и да ѝ дозволат да го роди детето пред да ја убијат, завршила со 16 убоди. Полански во тој момент бил во Лондон снимајќи го „Денот на делфинот“, а требало да дојде во ЛА за породувањето. За влакно од сигурна смрт се спасил и писателот Јержи Косински, кој дента доцнел заради тоа што багажот наместо во ЛА му го испратиле во Њујорк. Настанот го опишал во својот роман од 1977, „Состанок на слепо“ - додуша и тој не заврши најсреќно, бидејќи во 1991 умре од нешто што се води како самоубиство.
Иако Менсон беше зад решетки со децении неговиот лик остана инспирација за оние кои се бават со мрачните умови на масовните убијци. Мерилин Менсон своето име го има составено според оние на Мерлин Монро и Чарлс Менсон, кои според него се двете најголеми икони на 1960-тите. Менсон често се спомнува и во новата серија „Мајндхантер“, за бихејвиорална единица во рамки на Еф-би-ај која се формира во 1970-тите, а чија ултимативна желба е да го интервјуира токму него. Во 1974 е објавена и книга под наслов „Хелтер Скелтер“, чиј ко-автор е токму споменатиот обвинител. Неколку години пред својата смрт во 2015, Буљоси изјавил дека доколку приказната за овој криминалец била раскажана во форма на фикција, таа не би му била интересна никому. Бидејќи добрата белетристика треба да содржи и нешто во што може да се поверува. А она што го сториле Менсон и неговите следбеници е едноставно премногу.
„Некогаш одамна да се биде луд значеше нешто. Сега сите се луди“ -
Чарлс Менсон