Во злочестото, но истовремено и урнебесно и загрижувачко парче на Њујорк тајмс (овдешните медиумски мрзи дифолтно би го насловиле како бомба, мегабомба, нуклеарна бомба...) се откриваат занимливи детали за секојдневниот живот на новите станари во Белата куќа.
Замислете ја оваа сцена: лутате по ходниците во Белата куќа не знаејќи од каде се излегува, пробувате кваки да видите која врата се отвора, нема никој да ви запали светло, а во темнината може да налетате и на Трамп во бањарка.
Велат дека ако деновиве имате состанок во Белата куќа, гледајте да заврши пред да се стемни бидејќи ќе нема кој да ви го покаже излезот или да ви запали сијалица во ходник. А кога ќе се стемни, некаде после 18:30 часот, Доналд Трамп се префрлува од работниот во резиденцијалниот дел на куќата, каде што е практично сам бидејќи Меланија и малиот Барон се во Њујорк, па тој може на раат да твита и да му се дере на телевизорот со пуштен Си-ен-ен. Велат дека кога е Меланија, а тој сака друштво, тоа е неговиот поранешен (а можеби и сегашен) шеф на приватното обезбедување, Кит Шилер. Како и други диктатори, и Трамп повеќе им верува ним отколку на службено доделените лица.
Кога не е зафатен со муслимани и други тековни прашања, тој се опседнува со реновирање и декорација на Овалната соба, која ја доживува како воен трофеј, па сака новиот вигвам да си го уреди по свое. Веќе одбрал и ставил драперии (така ли се викаа?) во бојата на својата коса (само малку потешки од неа) и на соработниците им кажал да закажуваат што е можно повеќе ТВ-астани во Овалната просторија.
Во неговата најблиска околина, која се состои од шака луѓе, гувернерот на Њу Џерси има најголемо административно, политичко и владино искуство. Но Крис Кристи нема баш многу среќа. Прво беше шутнат од позицијата шеф на транзицијата, а на ист начин завршиле и неговите пишани процедурални упатства за преземање на полугите на власта и имплементирање на новата политичка волја, кои еден друг, неименуван висок советник на Трамп театрално ги фрлил во канта пред сите други: во духот на главниот стратег Стив Бенон, кој порача: „Не сме овде за мали работи“.
Веројатно најзагрижувачки момент е дека Трамп не го ни проучил внимателно предлогот за забрана на луѓе од 7 земји пред да го претвори во извршна претседателска одлука. Велат дека после бил гневен на сите околу себе што не бил добро брифиран. Да не знае човек што е полошо: тоа што не го ни прочитал пред да го потпише, тоа што после бил повеќе лут што не го брифирале отколку на содржината на она што го потпишал, или пак тоа што мастермајндот на таквата одлука сè уште му е доминантен советник.