Така, пред неколку дена претседателот на полската владејачка Партија на законот и правдата, Јарослав Качински, порача дека Полска припаѓа на ЕУ, но треба да внимава да не биде „заразена од општествените болести“ кои доминираат со Унијата. Притоа тој своите противници ги обвини дека им служат на моќните во Брисел.
Неговото негодување се движи во рамките дека членството во Унијата е „најкраткиот пат за Полска да ги стигне животните стандарди на Западот“ меѓутоа тоа не значи дека земјата „треба да ги повтори грешките на Западот и да се зарази со општествените болести кои таму доминираат“.
Речиси во исто време, чешкиот премиер Андреј Бабиш, негодува околу напливот на мигранти што неколку години се толерира и поздравува од највисоките позиции на ЕУ, порачувајќи дека Европа мора да ја брани својата култура и вредности наспроти мигрантската криза.
Споменувајќи ги анти-имигрантските немири во Германија, Бабиш изјавува „јас темелно објаснувам дека ова е борбата за зачувување на нашата европска цивилизација и култура. Ние не сакаме тука да живееме во Африка или Блиски Исток. Ние мора да се бориме за нашите вредности. Сте ги виделе ли сликите од мигрантски бродови како патуваат кон туристичките плажи? Европејците се шокирани и исплашени. Истото тоа се случува и во Кемниц. Не само што беше извршено убиство, туку и убиства на тинејџерки и сексуални напади“.
Пред сето ова, на крајот од август во Милан се сретнаа унгарскиот премиер Виктор Орбан и италијанскиот заменик премиер Матео Салвини, кои не можеа да се доизрадуваат што едниот и другиот се на власт. Претходните години Унгарија беше под постојан притисок од Италија за да вдоми повеќе бегалци, додека на домашен терен опозицијата на италијанската влада беше постојано наклонета кон отпорот на Орбан за вдомување мигранти.
На средбата Орбан го опиша Салвини како личен херој за тоа што одбил да дозволи бегалци, заглавени на брод, да стапнат на италијанска почва. Во исто време Салвини изјави надеж дека ќе има уште голем број средби со Орбан со цел „менување на судбината на Европа“.