Многу научници посветени на палестинското ослободување повеќе не можат да ја вршат својата работа. Ова не е никаде поточно како во Појасот Газа - каде што сите 12 универзитети се претворени во урнатини, а повеќе од 90 професори се убиени за време на израелските напади.
Но, долга е раката на Израел.
Неговите обиди за искоренување на интелектуалниот живот во Газа одекнува многу подалеку од таа територијата - во САД.
„Од почетокот на израелската војна против Газа, професори од најразлични области, од политика и социологија, до јапонска литература или карипски студии се отпуштени, суспендирани или отстранети од училниците заради пропалестински или анти-израелски говор“, пишува Наташа Ленард во Интерсепт.
Меѓусебе тие имаат малку заедничко. Живеат во различни градови и сојузни држави, потекнуваат од различни земји, некои со децении предаваат, некои се нововработени, некои предаваа на приватни универзитети, други на државни... Заедничко им е само што се за слобода на Палестина.
Иако нема официјален извештај за бројот на академски предавачи кои изгубиле работа или се соочиле со суспензија поради поддршката за Палестина, од десетина професори и асистенти кои на работа наишле на проблеми заради нивните про-палестински ставови со кои разговарал Интерсепт, седуммина биле под внатрешна истрага на институцијата во која работат, некои се суспендирани, а другите останале без работа или очекуваат да не им се обноват договорите.
„Ние сме на почетоците на еден нов МекКартизам. Ова е само врв на ледениот брег“, вели Анита Леви од асоцијацијата на американски професори.
Еден од најпознатите случаи е оној со визитинг професорот по блискоисточни, јужноазиски и африкански студии, Мухамед Абду, за кој Универзитетот Колумбија соопшти дека ги прекинува релациите.
„Практично, ме ставија на црна листа на глобално ниво,“ вели Абду после 20 години предавање во Канада, Египет и САД, во области кои вклучуваат квир студии и домородни студии.