Денес, во САД човек може да се клади на сè: резултати од натпревари, политички избори, избори за Оскар и други награди, што прво ќе каже Трамп на следната прес конференција... па дури и на второто доаѓање на Исус Христос.
Официјална проценка е дека на овогодинешниот Супербоул легално биле ставени 1,76 милијарди на обложување, што е речиси 30% повеќе од лани.
Медиумски компании како CNBC, CNN, Yahoo Finance и Dow Jones имаат склучено партнерства за на гледачите да им пренесуваат податоци од пазарите за предвидување какви што се Полимаркет и Калши.
Ако може, и нивната публика да ја направат зависна од вести, користејќи ги проверените психолошки механизми на комарот.
Дури и интернет пребарувањата поврзани со коцкарската зависност се пораснати за 23%, покажуваат студии. Колку спортски резултати во меѓувреме се наместени, никогаш нема да се дознае.
Овие пазари за предвидување дури и ги критикуваат класичните обложувалници дека ги лимитираат добивките и дека добиваат од тоа што другите губат.
Извршниот директор на Полимаркет, Шејн Коплан, изјави дека конвенционалните спортски обложувалници се „измама“, за разлика од нив - нели - кои само посредуваат меѓу учесниците.
„Иако империјата на Трамп веќе е во играта, нејќат да бидат обични играчи. Нивниот социјален медиум Truth Social планира да лансира свој пазар за предвидувања наречен Truth Predict“, пишавме во статијата Интернетот се претвора во една огромна кладилница.