Според студијата, не постои единствена САД, таа повеќе личи на пачворк од повеќе држави кои се толку различни што на нивните жители некои им нудат економски перспективи типични за развиените нации, а пак други повеќе личат на земји во развој.
САД би требало да е „земја на можности". Но доказите произлезени од споменатата студија велат дека изреката би требало да се допрецизира. и да гласи „земјИ на можности". Таа исто така го деконструира митот дека ако за некоја нација се вели дека е богата тоа важи за сите нејзини членови. Освен што не е компактна категорија, нацијата со текот на времето се менува, бидејќи се создаваат нови генерации.
Целта на истражувачите била да дознаат дали децата во САД можат да очекуваат подобра економска иднина во споредба со нивните родители, односно колкава е тн. „генерациска мобилност". Предвид се земени економските податоци за сите оние родени помеѓу 1980-82, а потоа истите се споредени со приходите на секој од нив во 2011-12, кога некогашните деца наполниле 30 години.
На оваа мапа е прикажана разликата во очекуваните економски перспективи помеѓу децата од семејства со високи и оние со ниски примања, односно колку луѓе родени во семејства со ниски примања имаат шанса кога ќе пораснат самите да станат милионери. Во Сан Франциско шансите се 11%. Веројатноста е поголема во северна Дакота или западен Тексас. Некои области на САД, како Атланта, имаат многу мала социјална мобилност. Тука луѓето родени во сиромашни семејства најчесто остануваат сиромашни до крајот на животот. Во други области, како Сиетл, и децата од сиромашни семејства имаат шанса кога ќе пораснат да заработуваат повеќе од нивните родители.
Постојат пет фактори кои се јасно поврзани со мобилноста. Еден е сегрегацијата - колку што одредена зона е повеќе расно сегрегирана, толку е помала шансата за вертикална мобилност на децата, и ова важи дури и за белите деца. Вториот фактор е нееднаквоста во приходите. Областите каде владее поголем диспаритет помеѓу богатите и сиромашните постои многу помала мобилност, што доведува до заклучок дека факторите кои ја еродираат средната класа исто така ја еродираат мобилноста. Семејната структура исто така игра голема улога - онаму каде што има повеќе самохрани родители шансата за мобилност е помала. Од друга страна квалитетното школство и тесно поврзаните општествени мрежи (на пример граѓанските здруженија или верските конгрегации) овозможуваат повисока мобилност.
Она што е важно е дека овие резултати не укажуваат на причинско-последична поврзаност, туку само на корелација. Малата мобилност е резултат на цела шема на општествени феномени кои меѓусебно се преклопуваат. Едноставно, посивата економска иднина е поверојатна во зони каде има строга класна поделба, сегрегација, лоши училишта, каде нема социјална кохезија. Менување на кој и да е од овие фактори може да влијае врз иднината на некое дете. Но и неменувањето може да влијае врз иднината. Тоа само не води еден чекор поблиску до дистопија од типот на „Блејд ранер", кој да се потсетиме опишуваше токму таква мрачна економска иднина, во годината 2019, која сега и не е толку далечна.