На хартија почетокот изгледа многу надежен за Југо. Колата во САД ja увезува бизнисменот Малком Бриклин, човекот кој на крајот од 60-те го носи Субару во САД. По ова тој се обидува да прави сопствени спортски автомобили, кои баш и не успеваат, за потоа да почне да увезува Фиат родстери, кои ги прекрстува во Пининфарина и Бертоне X1/9. Со растот на цените на нафтата во 80-те и напливот на азиски автомобили, Бриклин решава да оди на другата страна од Европа.
Од оваа страна Застава веќе некое време под лиценца изработува варијанти на Фиат 127, "со дизајн кој изгледа совршен за Америка." Зделката меѓу Брикин и Застава е склучена со помош на Хенри Кисинџер и Лоренс Иглбургер (поранешен државен секретар, кој го добива прекарот Лоренс од Македонија откако заради речиси исклучиво лично инсистирање и залагање, во рекорден рок по земјотресот во Скопје поставува привремена болница на американската армија).
Бриклин го изложува Југото на саемот во Лос Анџелес во 1984-та, и најавува дека на автомобилот во Крагуевац ќе бидат направени околу 500 промени за повеќе да им одговараат на американските возачи. Тој во Крагуевац испраќа и група на британски експерти за квалитет.
Иако колата развива максимум од само 140 км/ч (најспоро од кој било друг автомобил на американскиот пазар), таа енергично се продава и ги руши рекордите за европски автомобили со продажба на 163.000 автомобили за 3 години.
Продажбата прекинува во 1992-ра, откако работите на Балканот одат во неповрат.
Уште од приказната за Југото