Пишува: Славој Жижек
Последната сезона на Играта на тронови предизвика јавен бес кој кулминираше со петиција (потпишана од речиси еден милион гневни гледачи), да се дисквалификува целата сезона и таа одново да се напише и сними. Жестокоста на самата дебата е доказ дека идеолошкиот влог мора да е голем.
Незадоволството се фокусира на две поенти: лошото сценарио (под притисок за брзо завршување на серијата заради што комплексноста на наративот морало да биде поедноставена, лошата психологија (претворањето на Денерис во „Луда кралица“) и слично.
Еден од ретките интелигентни гласови во таа дебата беше оној на Стивен Кинг кој забележа дека незадоволството не е произведено од лошиот крај туку од фактот дека се работи за крај. Во епоха на серии кои во принцип можат да продолжуваат до бескрај, идејата за завршување на некоја приказна станува недозволива.
Осмата сезона поставува три последователни битки: Првата е меѓу човештвото и нечовечките „Други“ (одмртвените на Ноќниот крал), па онаа меѓу двете главни човечки групации (злите Ланистери и коалицијата против нив водена од Денерис и Старкови), и внатрешниот конфликт меѓу Денерис и лозата Старк.
Вака поставените битки следат логичен пат: од надворешен непријател кон внатрешен конфликт: поразот на Ноќната армија, поразот на Ланистери и уништување на Кингс Лендинг, па финалната битка меѓу Старкови и Денерис која може да се гледа како битка меѓу традиционалното „добро“ благородништво кои ги штитат своите луѓе од лоши тирани, и Денерис како нов тип на силен лидер, своевиден прогресивен бонапартист кој делува во име на обесправените.
Оттука, главниот влог во последниот конфликт е овој: дали револтот против тиранијата треба да биде борба за враќање на постарата верзија на истиот хиерархиски поредок или треба да се развие како потреба од нов поредок?
Финалето комбинира отфрлање на радикалните промени со еден стар анти-феминистички орнамент кој го има уште кај Вагнер. По него, нема ништо поодвратно од мешање на жена во политика и од нејзината желба за моќ. За разлика од машката амбиција, зад нејзината мора да стои исклучиво желба за промовирање на нејзините семејни интереси или пак личниот каприц, при што таа се гледа како неспособна да ја согледа универзалната димензија на државните политики.
Сетете се на оној дел на дијалогот кога Денерис му вика на Џон дека ако не може да има љубов, ќе има страв - срамен и вулгарен детал за сексуално незадоволена жена која експлодира во деструктивен бес.
Но, ајде да ги загриземе и киселите јаболка. Што е со оној напад на крволочност на Денерис? Дали безмилосното убивање на илјадници обични луѓе може да биде оправдано како неопходен чекор до универзалната слобода? На оваа поента, треба да се потсетиме дека сценариото е пишувано од двајца мажи.
Денерис како „Полудена кралица“ е чисто машка фантазија па критичарите се во право кога велат дека нејзиното полудување психолошки е неоправдано. Погледот на Денерис која со гневен израз на лицето лета на змејот и пржи луѓе и куќи е израз на патријахалната идеологија и стравот од политичка силна жена.
Завршната судбина на главната жена во ГоТ ги следи овие координати: иако добрата Денерис победува и ја уништува лошата Серси, моќта попат ја корумпира. Арја (која сите ги спаси своерачно убивајќи го Ноќниот крал) исто така ја снемува, отпловувајќи на Запад (како да ќе ја колонизира Америка).
Единствената жена која останува во игра (кралица на автономното северно кралство) е Санса, тип на жена која ја обожава денешниот капитализам: таа ја комбинира женствената мекост и разбирање со добра доза интригантност. Маргинализацијата не жената е клучен момент во лекцијата од финалето: револуциите мора да завршат лошо и да донесат нови тирани, или како што ѝ кажа Џон на Дани:
„Твоите следачи знаат дека се случи нешто невозможно. Тоа им помага да веруваат дека можеш да направиш и други невозможни работи: да изградиш свет кој ќе биде различен од срањето кое го познаваат отсекогаш. Но ако користиш змејови за да топиш замоци и да гориш градови, тогаш ти не си ништо поинаква“.
Консеквентно, Џон убива од љубов (спасувајќи ја проколната жена од самата себе, како што вели старата машка шовинистичка формула), единствениот социјален агенс во серијата кој навистина се бореше за нешто ново, за нов свет во кој ќе им се стави крај на неправдите.
Значи, правдата победи - но каков вид правда? Нов крал е Бран, инвалидизиран, сезнаечки, кој не сака ништо - што е сентимент од онаа досадна мудрост дека најдобрите владетели се оние кои не сакаат моќ.
Човек не може да не забележи дека лојалните кон Денерис се пошаренолики - нејзиниот воен командант е црн - додека новите владетели се јасно бели нордиски типови. Радикалната кралица која сакаше повеќе слобода за сите без разлика на нивниот социјален статус и раса е елиминирана, работите повторно се враќаат во нормала.