Дали овие две позиции се компатибилни? Може ли човек да биде критичен кон претседателот додека ја поддржува фудбалската ѕвезда? Секој што смета дека тука постојат непомирливи спротивности, без да сфати, е дел од проблемот.
Две поенти од писмото на Озил до јавноста се клучни во однос на социјалната политика и интеграцијата.
Прво, го имате неговото оправдание за тоа како и зошто се фотографирал со Ердоган сред предизборна кампања. Озил пишува дека тој има „две срца“ - турско и германско. Ова е разбирливо, иако можеби се уште нејасно за мноштвото Германци.
Потешко за разбирање е зошто овие срца не можат дури ни да зборуваат едно со друго. Како поинаку да го објасниме тоа што Озил во својата долга изјава не споменува дека го смета за погрешно тоа што негови сограѓани Германци, како и Турци, со месеци неправедно беа затворени? Дека смета дека е погрешно што десетици илјади недолжни турски граѓани останаа без работа по обидот за пуч во јули 2016? Посебно имајќи предвид дека сето тоа е прекршување на принципите на владеење на правото, за кои барем неговото германско срце треба да чука.
Озил пишува дека тој секогаш со почит ќе ја третира традицијата на своите предци и своето семејство. Меѓутоа треба, и мораш да ги видиш работите и во спротивен правец: секој што се чувствува поврзан со Турција, секој што ја сака државата на своите родители, не треба да ја почитува само највисоката позиција во земјата - туку треба да застане и на страна на народот, посебно кога толку голем дел од него е така брутално малтретиран и репресиран.
Втората поента има многу да понуди и да се надеваме дека ќе доминира во дебата во Германија. Кон крајот на своето писмо 29-годишникот пишува дека тој ја напушта германската репрезентација како одговор на безбројните расистички напади.
Голем број критичари навистина претпочитаа да го игнорираат делот околу расизмот - а уште полошо е што некои го обвинија дека тој само се претставува како жртва. Таквата реакција му ја испраќа следната порака на германското турско малцинство: Во Германија, и понатаму мнозинството е она кое решава кој е изложен на расизам а кој не.
Целиот случај, а и неговиот несреќен крај, го нагласува едно од најголемите недоразбирања за личноста на Месут Озил: тој никогаш не беше парагон на интеграција - што никако не е обвинение против него. Неговите коментари на сликата со Ердоган дадоа дополнителен доказ за ова. Озил никогаш не сакаше да биде пример за ова. Тој едноставно е еден од најдобрите фудбалери на неговата генерација, што секоја национална репрезентација на светот - вклучително и германската - треба да се среќна што го има. Тој е член на глобалната елита на спортот, рангирајќи се меѓу ѕвезди кои еден ден играат во Мадрид а следниот во Лондон, и кои понекогаш можат да изгубат допир со предизвиците на интеграцијата во родната земја.
Меѓутоа останува фактот дека германската фудбалска асоцијација, политичарите и навивачите сакаа тој да биде примерот. Тие толку многу сакаа Озил, кој нема никаква врска со политика, да биде светлиот пример за тоа, што го преплавуваат со награди и пофалби. Пораката беше „Гледај, нашиот спорт ја помага интеграцијата.“
И сега Озил е оставен на суво од истата германска фудбалска асоцијација која го вадеше него во први редови во секоја прилика. Фановите кои константно само навиваа за него сега го навредуваат и попрво би го избркале, додека спонзорите и медиумските партнери го вадат од нивните кампањи.
Сето ова го поттикнува германското турско малцинство да се чувствува токму онака како што Озил вели: Без разлика колку се трудиш, без разлика колку си добар во својата работа, без разлика колку придонесуваш во општеството, на крај, не е во твои раце дали припаѓаш на него или не. На крај, секогаш ќе бидеш сведен на своето потекло, и на потеклото на твоите родители. На крај, секогаш ќе има луѓе што ќе ти оспоруваат дека се Германец. Дури и ако си еден од најдобрите фудбалери кои некогаш го носеле националниот дрес.