Во Лондон можеш да бидеш прободен со нож за критикување на исламот

Хатун Таш е поранешна муслиманка, а сега христијанка која беше избодена и исечена со нож сред бел ден пред очевидци во Спикерс корнер во лондонски Хајд парк, само затоа што ги изразила своите верувања. Таш не доби ни медиумско внимание, ни хаштази за солидарност, ниту пак загриженост од политичарите дека Британија изгледа дека станува земја во која си во опасност ако го критикуваш исламот.

Таш е поранешна муслиманка која сега станала христијанка и е силен критичар на исламот. Нејзиното религиозно гледиште е дека муслиманите треба да бидат поттикнати да преминат во христијанска вера за да се спасат себе си. Без сомнеж овој став е навредлив за голем број муслимани, кои сосема имаат слобода да се чувствуваат така. Таш е редовна во Спикерс корнер. Таа влегува во остри дебати со исламски проповедници и останати присутни. На денот на инцидентот таа носеше Шарли Ебдо маичка и ги споделуваше своите вообичаени коментари околу исламот кога човек со црна качулка се залета кон нејзе со сета сила и со нож ја расече на лицето и раката. Лицето и беше покриено со крв. Видеото кое е масовно раширено на интернет е тешко за гледање.

Како што изјавија од полицијата, се уште не знаеме кој бил мотивот на напаѓачот. Меѓутоа човек може да даде издржана претпоставка дека Таш е нападната заради нејзините верувања. Всушност, ова не е прв пат таа да е нападната. Минатата година таа беше удрена во лице, откако во Спикерс корнер извади карикатура на Мухамед. Таа беше советувана од полицијата да не се враќа во Спикерс корнер (кое традиционално е местото во Британија во кое можеш да го кажеш речиси кое сакаш верување што го имаш) заради нејзина безбедност. Таш е жив доказ дека да бидеш екс-муслиман е ризична работа во нашата наводно секуларна и слободна нација.

Ајде да бидеме реални за тоа што се случи во Хајд парк, жена која е позната заради нејзиниот критички став кон исламот беше нападната со оружје. Во Британија, во 21-от век. Каде се тука повиците на осуда или барем на загриженост? Освестената левица тврди дека тие се против фашизмот, а сепак се морничаво тивки околу наводниот екстремистички напад врз жена која има одредени верувања. Нашите медиумски елити со неверување зборуваат за он-лајн малтретирањето, но се уште немаат собрано сила за да проговорат за овој случај на брутално физичко малтретирање на жена - и тоа жена имигрант - која само критикуваше една од светските религии.

Досегашниот молк во врска со овој напад е депресивен знак за времето во кое живееме. Нашето општество изгледа неспособно искрено да зборува за муслиманскиот екстремизам. А овој напад, во овој момент, изгледа како токму таков акт. Треба да се има предвид и неуспехот на голем број парламентарни кандидати од Бетли и Спен да застанат во одбрана на наставникот од Бетли кој е протеран во криење само затоа што покажал слика од Мухамед за време на училишна дискусија за богохулење и навреда. Всушност, ретко кој политичар или институција, вклучително и наставничките синдикати, беа волни да застанат во целосна одбрана на наставникот. Секој пат кога има излив на загриженост околу исламистичка активност, оние што работат на формирање на мислењето едноставно си гледаат во нозе. Нивниот став е „нека го снема ова“.

Човек би можел да каже дека има депресивно симбиотична врска меѓу кукавичлукот на естаблишментот и самоувереноста на некои муслимански екстремисти. Првото го охрабрува второто. На многу начини политичката и медиумска каста, преку промовирање на идејата за „исламофобија“, помогна да се поплочи патот за денешната екстремистичка нетолерантност кон какво било критикување на исламот. Преставувајќи ги, а често пати и демонизирајќи ги, критиките за исламот како вид на нетрпеливост, како неприфатлив „фобичен“ излив, кастата горда на прикажување на својата доблесност дава поддршка на ставот дека секогаш е погрешно да се има сомнеж околу исламот или верувањата и постапките на неговите следбеници. Тие даваат зелено светло, ненамерно, без сомнеж, за уште поекстремистичко однесување кое во основа вели: „Да, критикувањето на мојата вера е форма на омраза, и јас ќе го казнам секого што ќе го направи тоа.“ Само видете како некои од фундаменталистите демонстранти пред училиштето во Бејли ја користеа политички коректната терминологија на „навреда“ и „заштита од зло“ за да го оправдаат својот прогон на наставникот затоа што, според нивно гледиште, го навредил нивниот пророк.

Опседнатоста на секуларните со „исламофобија“ се меша со екстремистичката омраза кон „богохулието“ за да се создаде алармантна клима на нетолерантност. Всушност, самата Таш е етикетирана како исламофоб, бигот и ширач на омраза, вклучително и од секуларни идентаријанци од кои дел го гледаат критикувањето на исламот, па дури и одметнувањето од исламот, како вид на расизам. Кога некого ќе го отпишеш како зло (или по освестениот речник како „фобичен“), затоа што едноставно го отфрлил или е против исламот, дали навистина можеш да бидеш изненаден кога таа личност ќе биде нападната затоа што била грешна клеветничка на исламот?

Мора да станеме сериозни за слободата на говорот. Држава во која наставник мора да се крие затоа што покажал слика од Мухамед, и во која поранешна муслиманка може да биде прободена затоа што била „навредлива“ и во која сите видови на наводно биготски говор можат да бидат казнети со цензура, не е слободна држава. „Слободниот говор доаѓа со последици“ - тоа е гранично заканувачкиот извик на денешниот освестен слој. Веројатно тоа беше верувањето и на човекот кој ја нападна Таш. Можеби тој само ги изврши врз нејзе „последиците“ од нејзините богохулни коментари. Мора целосно и силно да застанеме во одбрана на слободниот говор, вклучително и за екс-муслиманите, христијаните, критичарите на исламот и буквално сите останати.

Брендан О'Нил,
Спајкд

30 јули 2021 - 14:56