1. На 22.07.2022 Банката на Украина ја девалвира националната валута, украинската гривна, за 20% во однос на американскиот долар (на сликата). Може да се каже и обратно, американскиот долар поскапел за 25% во однос на гривната. Нормално, таквиот чекор го оправдуваат со поткревање на конкурентноста на украинскиот извоз, но никој не ја кажува другата, поважната и потемната страна на девалвацијата - украинскиот увоз (меѓу кои е најважна нафтата) поскапува за 25%. Трговците верижно ги креваат цените, при непроменети плати на граѓаните, буџетарите се исплатуваат со обезвредени пари, па така со еднократна одлука на централната банка сите тие преку ноќ осиромашија за 20%. Едноставно војната повеќе не може да се финансира од реални извори, па населението мора да ја плати со своето осиромашување.
Ова е само почеток. Во иднина се очекуваат нови девалвации, што ќе доведе најпрво до галопирачка инфлација, а во терминалната фаза на распадот и до хиперинфлација. Познат феномен во сите војни. Хиперинфлацијата целосно го разорува здравото економско ткиво на една држава.
2. Истиот ден, на 22.07.2022 агенцијата за кредитен рејтинг Фич го намалува кредитниот рејтинг за надворешниот долг на Украина за два степени, од CCC на C, што е последното скалило пред RD или D за ограничен или целосен банкрот по обврзниците. Неколку дена подоцна рејтингот го намалува и агенцијата Стандард и Пурс, од CCC на CC.
Намалувањето на рејтингот е директна последица на барањето на Украина да се одложи исплатата на купонската камата, којашто редовно треба да се исплатува два пати годишно. Тоа го оправдуваат со потребата за пари за набавка на оружје, но всушност - немаат пари. Следен критичен датум е 09.08.2022, кога собранието на доверителите на обврзниците, разните инвестициски фондови, треба да се произнесат по барањето за одложување на исплатата. Немаат многу избор, па најверојатно ќе го прифатат неплаќањето на купонската камата.
Од агенцијата Фич веќе најавија дека со тоа автоматски рејтингот го спуштаат на RD (ограничен банкрот). Но, тоа ќе биде вистински банкрот, поради немање пари, а не како вештачкиот и невистинитиот банкрот на Русија, којшто САД сака да го прикаже така што и ги блокира сметките и не и дава можност да ги уплати доларите, коишто ги има во доволни количества. Да се потсетиме, сите доларски трансфери на светот мораат да поминат преку американски банки-посредници.
За разлчика од кредитите, обврзниците немаат никакво обезбедување, па кај нив довербата и рејтингот на издавачот на обврзницата претставуваат сé. Со D рејтинг, популарно наречен „ѓубре“ (junk), шансите на Украина да се задолжи со нови обврзници се намалуваат на нула. Значи, со малата заштеда за неисплатување на каматите за наводно купување оружје, се лишуваат од извор на свежи пари за понатамошно функционирање на државата.
3. Како единствен извор на пари на Украина сега и остануваат само донациите, односно милостината од западните влади. На Украина месечно и недостигаат од 5 до 7 милијарди долари, зависно од изворот на информации. Иако ЕУ во мај и вети 9 милијарди долари, досега и додели само една милијарда, а Германија најверојатно ќе го блокира доделувањето на останатите пари. Но, дури и да ги добијат, тие пари стигаат одвај за еден месец. Едноставно, никој не сака да вложува пари во држава-лузер.
4. Можеби најкатастрофалниот податок се однесува на падот на БДП на Украина. Зависно од изворот, тој на годишно ниво изнесува 35% - 45%. Во САД алармот се вклучува при пад од 10%, којшто ако потрае два квартали едноподруго значи влез во зоната на рецесија. Патем, таму тоа и се случува деновиве. Пад од 20% значи депресија, додека пад од 35% - 45% до денеска не е виден во современиот свет.
Зошто се случува толкав пад, ако се знае дека во војната не се бомбардирани цивилни фабрики, освен во неколкуте градови на истокот (Северск, Лисичанск и Мариупољ)? Повеќето големи градови, меѓу кои и Херсон, беа предадени без борба и разурнување. Причини има неколку. Најпрво, загубата на 21% територија на државата и тоа од економски највиталниот дел. Второ, масовното исселување од земјата. До денес Украина ја напуштиле околу 10 милиони жители, вклучувајќи ги и 1,6 милиони пребегани во Русија (оние за кои Украина вели дека биле насилно депортирани, но секој нека процени дали може Русија да храни 1,6 милиони непријателски настроени луѓе без никаква потреба). Конечно тука се и еден милион мобилизирани, коишто не само што не создаваат БДП, туку само трошат. Едноставно, нема кој да произведува и да го полни буџетот.
Кога сме кај исселените, тие не се исселени од зоната на воените дејствија, туку од останатиот, мирен дел на Украина. Таквото однесување не е типично за народ којшто и верува на сопствената власт. На пример, за време на бомбардирањето на СР Југославија, поточно Србија, населението никаде не бегаше, па дури доброволно, со жив штит ги бранеше мостовите од злосторничкото НАТО бомбардирање. Такво нешто не гледаме во Украина. Доколку не беа затворските казни, лишувањето од имот и таканаречените заградителни одреди (на пример „Кракен“), коишто им стрелаат во грбот на присилно мобилизираните резервисти коишто ќе се решат да ја напуштат првата борбена линија (типични фашистички методи), досега никој не би останал во државата.
Конечно, прекинати се многу синџири на снабдување и отежнат е извозот на пченица, главниот украински извозен производ. Со пад на производството на пченица за околу 50% во годинешнава реколта на териториите под контрола на Киев, ќе има доволно храна за намаленото украинско население, но не се знае колку ќе преостане за извоз.
Значи, останува да видиме што ќе се случи на 09.08.2022 на собранието на доверителите на обврзниците, но во секој случај рејтингот се намалува на RD или D, што ќе покрене бран од други настани, кои ќе ја втурнат државата во уште поголема беспарица.
Гледаме дека моментално се води војна на исцрпување, а финансиското исцрпување не може а да не се одрази и на военото исцрпување. За една година од денес нема ништо да биде како што е сега. Ќе биде многу полошо.