Пред 30 години Хрватска не беше баш во првите десет земји во светот за убав и пријатен соживот. Вуковар падна, Дубровник гореше, гранати паѓаа врз Осиек, Задар, Шибеник и други градови, а Хрватите во праведен одмазднички гнев избркаа половина Срби од фирмите и домовите, а другата половина ја натераа да потпишуваат декларации за лојалност кон хрватската држава и јасно да се изјаснат „кој е агресор, а кој жртва“. Жртвите потоа ги отстранија сите траги на српска литература од училиштата и универзитетите, ги запалија сите српски книги, го забранија српскиот јазик, ја укинаа српската музика на радио, ги избркаа Србите од театарот а примордијален говор на омраза ги преплави општеството, медиумите и фасадите на градот.
Ни најмладите не беа поштедени од одмазднички шовинизам во тоа време: кога, на пример, во една од тие посрани години, претседателот Фрањо Туѓман упадна во загрепското породилиште за да го дарува првото бебе родено на Нова година, збунетиот протокол - со ужас откривајќи дека првото новороденче е српско - со часови го чекаше првото чистокрвно хрватско бебе.
Политичари, интелектуалци и новинари од цивилизираниот Запад се згрозуваа од, јасно, српските варвари кои ги засипуваа хрватските градови со врело олово, но немаа многу подобро мислење ниту за хрватскиот варварски, одмаздољубив шовинизам. Во редакцијата на Ферал со саати ќе им ги објаснувавме правилата на балканската крчма, обично завршувајќи со тогаш популарниот виц, сега кафанска класика, кога Мујо се враќа од Западна Европа, Хасо го прашува како е таму, а Мујо му вика дека Западот е „триесет години зад нас“: кај нив, вика, уште е добро.
Западните политичари, интелектуалци и новинари на тоа баш слатко ќе се насмееја. Добар е тоа виц, одличен. Вие Балканците, би рекле тогаш, сте безнадежно примитивни, затуцани и сјебани, ама барем знаете да му се смеете на својот трулеж.
Точно триесет години подоцна, руски варвари истураат жешко олово врз Украина, Херсон падна, Мариупол гори, гранати паѓаат врз Киев, Харков, Лавов и други градови, а полудениот Владимир Путин отворено му се заканува на Запад со Трета светска војна.
И, како на тоа денес реагира цивилизираниот Запад, триесет години подоцна?
Додека загрепската филхармонија трапаво се бранеше дека програмата на најавениот концерт со дела од Петар Илич Чајковски е сменета само поради „веселата“ природа на неговите композиции, велшката филхармонија во Кардиф го немаше тој проблем: одлуката од програмата на концертот во халата на Свети Давид да го протера Чајковски ја објаснија со тоа дека неговата прославена Увертира од 1812 година, инспирирана од одбраната на Русија од инвазијата на Наполеон, е „несоодветна за моментот“ додека Втората симфонија, позната како „Малиот Русин“ (иако Чајковски не го дал прекарот; така е наречена заради употребата на украински народни теми) е „навредлива за Украинците“!
А тоа беше само почеток.
Забрана за непријателската музика? Па, во Велика Британија се откажуваат дури и настапи на Russian State Operа, иако не се работи воопшто за руска државна опера, туку за (до вчера) толку кул бренд-нејм на британска продукциска куќа која ги собира дипломците од конзерваториумите од земјите на поранешниот СССР.
Изјави за лојалност? Бидејќи јавно не ја осуди агресијата врз Украина, на големата руска сопранистка Ана Нетребко ѝ беше откажан ангажманот во Метрополитен операта во Њујорк, а на славниот руски диригент Валери Гергиев откажан му е концерт со Виенската филхармонија во њујоршкиот Карнеги хол и сите најавени настапи со Париската филхармонија, по што бива разрешен од директор на оркестарот на швајцарскиот фестивал „Вербие“ за на крајот да добие отказ и како главен диригент на Минхенската филхармонија.
„Кој е агресорот, а кој жртвата“? На младиот руски пијанo гениј Александар Малофеев не му помогна дури ни тоа што јавно и јасно се изјасни кој е агресорот a кој жртвата: сеедно се откажаа сите негови најавени концерти со Симфонискиот оркестар od Монтреал, од каде цинично му порачаа дека „однапред се радуваат на гостувањето на тој сјаен уметник, штом тоа контекстот го дозволи“.
Примордијален говор на омраза? Компанијата Мета објави дека Фејсбук и Инстаграм ќе дозволат говор на омраза и поттикнување насилство против Русите и руската војска „во контекст на инвазијата на Украина“ како и глорификација на неонацистичкиот Азов „во контекст на неговата одбранбена улога“. Ѓаволот е, како што можете да видите, контекстот. Европската комисија, на пример, ги забрани руските државни медиуми РТ и Спутник поради истиот контекст.
Забрана за непријателските медиуми и писатели? Италијанскиот писател Паоло Нори требаше да одржи серија предавања за Достоевски на Универзитетот во Милано-Бикока, но беше информиран дека предавањата се одложуваат „за да се избегнат какви било контроверзи во време на силни тензии“. Ѓаволот е контекстот, но ѓаволот, богами, се и контроверзите и силните тензии. Веројатно поради контроверзи и силни тензии, неподобен стана и рускиот режисер Ладо Кватани за филмскиот фестивал во Глазгов, оти нема заради што друго: филмот му е исфрлен од програмата иако авторот јасно кажа кој е агресор а кој жртва: Силните тензии биле посилни.
Забрана за непријателската култура? Во Обединетото Кралство откажана е турнејата на рускиот државен балет од Сибир, британската кралска опера го откажа гостувањето на познатиот балет Бољшој, а прашката театарска куќа МДП го откажа дури и гостувањето на малиот новосадски независен театар Тринидад. Зошто сега Нови Сад?„ Поради политичкиот однос на Србија кон војната во Украина“, стои во официјалното објаснување на чешките домаќини.
Забрана за сè што е непријателско? Русија е исфрлена и од изборот за песна на Евровизија и од Светското првенство, а руските клубови се исфрлени не само од сите европски купови, туку дури и од видео игрицата ФИФА! Британскиот министер за спорт Најџел Хадлстон свечено објави дека ниту еден руски тенисер кој јавно не се изјаснува против Путин годинава нема да може да се натпреварува на Вимблдон, руските спортисти се исфрлени од Зимските параолимписки игри - Параолимписките игри! - а Меѓународната хокеарска федерација ја исфрли руската женска јуниорска репрезентација од Светското првенство. Женска. Јуниорска.
Организаторите на Decanter Wine World Awards, најголемиот светски натпревар за винари, ги отфрлија сите апликации од руските учесници - „свесни дека винарите повеќе работи ги поврзуваат отколку што ги разделуваат, тие сепак треба да заземат став во оваа ситуација“ - и конечно ја имаме Меѓународната федерација Féline, што ќе го забрани увозот на руски мачки и нивното појавување на меѓународни изложби.
Од омразата и шовинизмот не се поштедени ни децата? Дојче веле јавува дека момче со руско потекло било претепано во германско училиште, рускиот јазик бил избркан од друго, регионалниот музеј во Бон официјално ја откажал претставата на деца од тамошното руско училиште „од политички причини“ а наставник во основно училиште во Келн прозвал ученик од Русија и го натерал пред цело одделение да се изјасни против агресијата на Путин!
И што правиме сега?
Што сега, брате Западе?
Зошто Хрватите за истите работи пред триесет години беа примитивни, затуцани и сјебани мали Балканци? Пред едвај две години, кога таквите мали Балканци се налутија поради Нобеловата награда на Питер Хандке - тип кој не само што одби да потпише декларација за лојалност кон културниот и политички Запад, туку директно го виде српскиот агресор како жртва - цивилизираниот и интелектуално супериорен Запад покровителски им објасни дека наградата се доделува за литературата на Хандке и дека делото треба да се одвои од приватната личност на писателот, бидејќи културата е оставштина на целото човештво.
Триесет години после Домовинската војна, славниот Запад е само нешто поголема каллива и провинциска Хрватска. Хрватите се потепаа за да докажат дека припаѓаат на западниот културен круг, за на крајот, целиот Запад да ѝ припадне на Хрватска.
Триесет години подоцна, Мујо се врати на Запад.
Знаете како оди понатаму: газдата Ханс го прашува како е таму долу, а интелектуално супериорниот Мујо покровителски му објаснува дека Балканот, фала на прашање, е „триесет години пред Запад.“ Ние, вика, и после триесет години сме примитивни, затуцани и сјебани.