Ова не значи дека не треба да се фокусираме на уништување на ИСИС, безусловно, без ниту едно "ама...". Единственото "ама" е дека СТВАРНО треба да се фокусираме на нивно уништување, и за ова треба многу повеќе од патетични декларации и апели за солидарност на сите "цивилизирани" сили наспроти демонизираниот фундаменталистички непријател.
Човек не треба сега да почнува со вообичаената левичарска либерална литанија од "не можеш да се бориш против терор со терор, насилството само создава повеќе насилство." Дојде време да почнеме да ги поставуваме непријатните прашања: како е можно Исламската држава да опстојува? Како што сите знаеме, наспроти формалната осуда од сите страни, има сили и држави кои молкум не само што ја толерираат, туку и ја потпомагаат. Неодамна како што низ распарчената Сирија се распламтуваа судирите меѓу руската армија и терористите на ИСИС, огромен број повредени борци на ИСИС влегоа на турска територија и беа примени во воените болници.
Како што Дејвид Грабер неодамна истакна, ако Турција на териториите на ИСИС поставеше ист вид на апсолутна блокада како што има поставено на курдските територии од Сирија, или пак кога би покажала исто "бенигно невнимание" кон курдските сили како што тоа го прават кон Исламската држава, Исламската држава одамна ќе колабираше, и нападите во Париз веројатно никогаш немаше да се случат. Наместо тоа, Турција не само што дискретно му помага на ИСИС лекувајќи ги нивните ранети војници, и олеснувајќи го извозот на нафта од териториите под контрола на ИСИС, туку таа и брутално ги напаѓа курдските сили, ЕДИНСТВЕНИТЕ локални сили кои се во сериозна битка со ИСИС. Плус Турција дури собори и руски воен авион кој ги напаѓаше позициите на ИСИС во Сирија. Слични работи се случуваат и во Саудиска Арабија, клучниот сојузник на САД во регионот (која ја поздравува војната на ИСИС против Шиитите), па дури и Израел е сомнително тивок во неговата осуда на ИСИС заради чисто опортунистички калкулации (ИСИС се бори против про-иранските Шиитски сили кои Израел ги смета за свој главен непријател).
Договорот меѓу ЕУ и Турција објавен кон крајот на Ноември (според кој Турција ќе го смали протокот на бегалци во Европа во замена за великодушна финансиска помош, почетни 3 милијарди евра) е бесрамно одвратен акт, вистинска етичко-политичка катастрофа. Дали ова е начинот на кој треба да се води "војната против теророт", со тоа што ќе се подлегнува на турската уцена и ќе се наградува еден од главните виновници за подемот на ИСИС во Сирија? Опортунистичко-прагматичкото оправдување за оваа зделка е јасно (не ли е поткупувањето на Турција најочигледниот начин за ограничување на протокот на бегалци?), меѓутоа долгорочните последици ќе бидат катастрофални.
Ваквата матна заднина јасно покажува дека "тоталната војна" против ИСИС не треба сериозно да биде сфатена - дека тие не го мислат ова сериозно. Ние дефинитивно се соочуваме не со судар на цивилизациите (христијанскиот Запад наспроти радикализираниот Ислам), туку со судар во секоја од цивилизациите: во христијанскиот простор тоа е САД и Западна Европа наспроти Русија, во Муслиманскиот свет тоа се Сунитите наспроти Шиитите. Монструозноста на Исламската држава служи како фетиш за покривање на сите овие борби во кои секоја страна се преправа дека се бори против ИСИС за да може да го удри својот вистински непријател.