Неочекувано, но во суштина и тоa како очекувано, во Лондон е уапсен Џулијан Асанж, човекот кој ја осмислиија реализираше интернет платформата Викиликс и кој преку неа ги провали мрачните тајни на американската политика. Она што Викиликс го објави за дотогаш тајните активности на американската војска во Авганистан и Ирак, за мачењата во американскиот воен затвор Абу Граиб во Ирак, за активностите на Националната разузнавачка агенција (NSA) која систематски, со години, шпионира и го прислушува по цел свет кој ќе ѝ се бендиса, вклучувајќи шефови на држави и влади на земји кои се сметаат за американски сојузници, тоа е најголемото истекување на тајни документи во историјата. А притоа е битно, всушност најбитно, тоа што сè што Џулијан Асанж и Викиликс објавија, е вистина и ништо друго освен вистина. Тоа е вистина за она што САД го прават ширум светот во име на американскиот народ, а притоа тоа истото го кријат од американскиот народ, но и од целиот свет.
Веќе со првите објави на она што, со причина, се третирало како тајна (затоа што не смеат јавно да се признаат такви илегални активности или груби кршења на меѓународните и воени закони и права), Асанж - благо кажано - се замери со американската власт (без оглед која е). Па потоа упорно се бараше можност како да се стави крај на она што го правеше и за што имаше поддршка од главните светски меинстрим медиуми (кои, благодарејќи на откритијата на Викиликс, ја подигнуваа својата читаност, слушаност и гледаност, накратко - ја зголемуваа заработката).
Прилика се отвори кога две жени во Шведска го обвинија Асанж за сексуално вознемирување, што веднаш беше 'преведено' како силување. Шефот на Викиликс страхувајќи од апсење и испорачување во САД, кои веќе го прогласија за шпион, засолниште побара во Велика Британија. Британците, меѓутоа, беа склони да излезат во пресрет на американското барање за негова испорака, па Асанж ја чекаше завршницата на правната битка на условна слобода. Кога сфати дека на суд ќе изгуби, ги прекрши одредбите кои му овозможуваа контролиран но сепак слободен живот во Лондон и се засолни во амбасадата на Еквадор, откако тогашниот претседател Рафаел Кореа позитивно одговори на молбата за добивање политички азил.
Беше тоа 2012 година. Истрагата во Шведска и натаму траеше. Асанж упорно повторуваше дека е подготвен да се сретне со шведските истражни органи, но во еквадорската амбасада. После цели 5 години, Стокхолм го обавува таквиот разговор со него по што шведското обвинителство го затвора случајот како беспредметен, но ја остава можноста целата постапка да биде обновена, доколку до 2020 година Асанж стане достапен за шведското правосудство. Сега сме 2019-та, што за овој контекст не е небитно да се нагласи.
Во меѓувреме дојде до смена на челото на Еквадор. Новиот претседател, Ленин Морено, се покажа приемчив за американскиот притисок (поврзан, наводно, со ветувања за отпис на долговите) па отпрвин ги заостри условите за престој на Асанж во нивната лондонска амбасада (забрана на посети, забрана за користење интернет, забрана за давање изјави кои можат да се толкуваат како мешање во внатрешните работи на некоја земја). Првиот човек на Викиликс не можеше да оди ни во болница на специјалистички прегледи бидејќи Британците не сакаа да гарантираат дека нема да биде уапсен на пат кон или од болница.
И после сето ова, се случи до јавноста да дојдат некои незгодни податоци за новиот еквадорски претседател и неговото семејство, што веднаш им беше припишано на Викиликс, по што следеше информација од неименувани, но „добро информирани еквадорски кругови“ дека Асанж за неколку часа или дена ќе им биде предаден на британските власти. Не беа часови, но, денови беа. На повик од еквадорскиот амбасадор, британската полиција упадна во зградата на амбасадата и го изведе Асанж додека овој викаше „Британија мора да се спротивстави!“. Онаа Британија која во дослух до САД и ја спроведе акцијата, ниту го слушна ниту сакаше да го слушне.
Интересен детал: веднаш по апсењето, CNN во кајрон најави дека Асанж „со првиот лет ќе биде пренесен во САД“. После службените толкувања на Лондон за причините за апсењето, кабелската мрежа не ги повтори овие најави, што не значи дека не се точни, односно дека Асанж нема да заврши во американски затвор. Засега е во притвор заради кршење на одредбите за условна слобода а за американското барање ќе се расправа на 2-ри мај. Истовремено, каква ли коинциденција, една од жените која го обвинуваше за сексуален напад, во Стокхолм веќе побара обновување на постапката. Евентуалното испорачување на Асанж на Шведска, во основа ништо не би сменило бидејќи Шведска со Америка имаат ист договор за испорачување како и Британија.
Само попатна импресија, бидејќи е прерано да се зборува за било што друго. На Трамп, кој во Хилари Клинтон, еуфорично извикуваше „Ги сакам Викиликс“, испорачувањето на Асанж веројатно не му е во интерес. Меѓутоа, оние кои упорно се трудат да докажат дека Викиликс е продолжена рака на руската пропаганда и дека во функција на руското мешање во американските избори објавуваше материјали од врвот на Демократската партија (на пример, за минирање на најопасниот противкандидат на Хилари, Берни Сандерс), тоа, и тоа како им е во интерес. Евентуална изјава на Асанж која би била на линија на таа теорија на заговор би внела нов живот во ланецот анти-руска хистерија која неодоливо потсетува на деновите на сенаторот Мекарти и неговиот комитет за истражување на анти-американски активности, што е основа за нова Студена војна и почеток на уште една трка во вооружувањето.
Тоа е хронологијата, она што треба да се знае пред да се донесуваат какви било заклучоци. А на што упатуваат изнесените факти?
Пред сè, дека Вашингтон уште еднаш демонстрираше како не е сигурен никој кој ќе му застане на опашка. Дека долгата рака на американската одмазда (бидејќи за право и правда овде тешко е да се зборува) ќе го стигне кога и да е, и каде и да е (што веројатно не се однесува на Сноуден кој засолниште најде во Русија).
Второ, дека САД но и целиот демократски Запад, не ги третираат дисидентите на ист начин. Додека оние кои ги откриваа мрачните тајни на спротивната страна (на пример, таткото на советската атомска бомба, академикот Сахаров) ги коваат во ѕвезди како херои и борци за вистината и слободата, дисидентите кои ги откриваат мрачните тајни на Соединетите Американски Држави и нивните крстоносни походи низ светот, ги жигосуваат како предавници и шпиони, опасни за националната сигурност, кои се фрлаат во затвор.
Трето, кое долгорочно може да биде најважно а за слободата и демократијата најпогубно: приказната за слободните медиуми и слободните новинари, во крајна линија се покажува баш како таква - како приказна. Бидејќи она што Асанж и Викиликс го правеа е специфичен облик на новинарство. Доста специфичен но и многу новинарски. Пораката која се испраќа со неговото апсење и многу веројатното испорачување во САД гласи: медиумите нема да објавуваат ни она што е вистина ни она што јавноста мора да го знае за да може правилно да ги проценува оние кои ги гласа. Не, медиумите ќе објавуваат само она што им е по волја на моќниците и оние кои стојат зад нив (или кои со нив управуваат како во куклен театар).
Затоа вреди да се повтори она што е кажано на почетокот на овој текст: сè што Џулијан Асанж и Викиликс објавија е вистина и ништо друго освен вистина.
Припадниците на овдешните постари генерации можеби уште се сеќаваат на еден од високите функционери на поранешна Југославија, кој, соочен со вестите за немирите на Косово кои ги објавуваше угледната светска агенција Ројтерс, немоќно закука: „Сопрете го Ројтерс!“ Автоматски стана предмет за потсмевање, дури и во она „време на мракот“, стана синоним за комунистички моќник кој мисли дека може да ја сопре вистината. Апсењето на Асанж, со ентузијастичката асистенција на послушниците, громогласно порачува: „Сопрете ја вистината!“
Ниту оној несреќен ју функционер не го сопре Ројтерс, ниту пак Вашингтон ќе ја сопре вистината. Тоа е сознанието кое охрабрува, иако борбата за вистината, од четвртокот 11 април 2019, ќе биде потешка отколку пред тој датум. Дека ќе биде продолжена, во тоа нема сомневање. А секоја држава која ќе пропушти да се изјасни за случајот Асанж и безрезервно да се стави на линија на одбраната на правото за вистина, ќе ги отвори сомнежите за својата искрена прврзаност на темелните начела на вредностите на демократијата. Секоја!