Фаренхајт 451 нè предупреди на вакви млади

На Мат Таиби не му се верува дека приглупата герила- акција „со супа против Ван Гог“  е само смешна, кога се случува сред повеќегодишна војна против уметноста, книжевноста, музиката, хуморот, па дури и математиката и науката. Му се чини дека ваквите допрва фаќаат залет и дека нема уште долго да се смееме.

Баш ја препрочитував Фаренхајт 451 кога стигна веста дека пар демонстранти од групата климатски активисти наречена „Џаст стоп оил“ со супа од патлиџани мавале по сончогледите на Ван Гог во Националната галерија во Лондон. Нивниот портпарол за Њујорк тајмс изјави дека изборот бил случаен, и дека она што им било важно е дека се работи за позната слика-икона од сликар-икона. Од друга страна, да се „пука“ баш со доматно пире од Хајнц била симболична одлука, инспирирана од тоа дека некои сега не можат да си дозволат ни да згреат супа од конзерва. 

Овие протести се налудничави и барем малку страшни. Можеби и малку повеќе од само малку.

Бељата со Ван Гог е дел од поширока кампања што вклучува активисти кои себеси се лепат за дела како „Масакрот на невините“ од Рубенс, “Примавера“ од Ботичели, или скулптурата “Лаокон и неговите синови“ во Ватикан. Акции под покровителство на Калифорнискиот фонд за итни климатски случаи, чиј основач е Ејлин Гети, внука на Џеј Пол Гети. Во делот каде што овие акции имаат смисла, човек би требало да се запраша: зошто луѓето повеќе се грижат за заштита на слики одошто за заштита на планетата и луѓето? Сончогледите беа покриени со стакло за заштита од пукнатини, брчкање и сончеви зраци, групата тврди дека била свесна за тоа. Сончогледите минаа неоштетени, изземајќи едно „помало оштетување на рамката“.

Делото на Бредбери, слично како и 1984 на Орвел, Ние од Замјатин или Храбар нов свет на Хаксли, беше предупредување за иднината во која основните човечки инстинкти како љубов, добрина и пристојност ќе бидат збришани од утописки политики. Напишани како реакција на масовни движења како нацизмот, сталинизмот и црвената паника, сите утописки романи содржат исти теми од кои една е онаа за иднината во која луѓето не само што се рамнодушни кон уметноста, туку и ја мразат и од неа се плашат до таа мера што ја уништуваат (и ги ликвидираат нејзините почитувачи). Се зборува и за индоктринацијата на млади, како и за ритуализираниот напад на семејната или сексуалната љубов, глад која обично се заситува со заменски „семејства“ што ги обезбедува државата. 

Ова во Фаренхајт 341 е доловено преку „салонски ѕид“, џиновски телевизор-брбливец, присутен во домовите на сите граѓани. Главниот лик, „пожарникарот“ Монтаг (зградите се направени од огноотпорни материјали, пожарникарите се тука за да ги палат книгите, и зградите во кои има книги, сосе луѓето во нив, а ретко кој се сеќава дека гаселе пожари) почнува да има грижа на совест. 

Од тоа го одвраќа неговата загрижена сопруга Милдред, која стравува дека заради неговата непослушност би можеле да ја загубат наклоноста на надлежните. Тоа е прецизно претсказание на Твитер или ТикТок, дури попрецизно и од телевизиските екрани во книгата 1984-та, иако вторава убоде и други аспекти на денешната реалност. 

“Скоро да немаше недела во која Тајмс немаа барем куса репортажа во која се воспева едно „дете-херој“...што ги издало своите родители кај Полицијата на мислите“ пиша Орвел. 

Бредбери предвиде уште еден феномен; во иднина, траењето на вниманието ќе биде постојано скусувано, на сметка на кратки синопсиси и сиже-верзии од нештата, каде „сè ќе се сведе на гег, на брз крај“. Дури и Хамлет е сведен на една страница. Луѓето кои ја негуваат способноста за внимание, паметење и учење се дисиденти кои чувајќи книги чекаат шанса за обнова на човештвото. Монтаг меморизира дел од Стариот завет, уште една сјајна визија за иднината бидејќи поезијата од религиозната литература беше еден од првите жанрови кои сосема исчезна во последно време.

Оние на кои им се бендиса што стори „Џаст стоп оил“, истакнуваат дека герила-акцијата поттикнала разговор за климатските промени поефикасно од која било акција што се памети, дури и од самозапалувањето на 50-годишниот климатски активист Вин Брус. Лудо е да се помисли дека навистина постојат луѓе кои веруваат дека со фрлање супа врз голема уметност ќе добијат приврзаници за било што, и што е уште пострашно, може и да се во право - во сегашниве околности.

Не ми е верно дека се размислувало за тоа што да се фрли на Ван Гог, а не и на тоа каде да се фрли истото. Премноогу коинциденција е акцииве каде деца креваат рака на Ботичели и Ван Гог да се од нигде никаде, и тоа сред повеќегодишна војна против уметноста, книжевноста, музиката, хуморот, па дури и математиката и науката, кога постојат движења за бришење на цели области како класиката, а професори се отпуштаат за сенешто - од читање извадоци од сјајни книги до предавање наставни предмети за кои студентите мислат дека се претешки. Изгледа младите сè почесто си одат од факултет сметајќи дека древните мислители немаат што многу да им кажат. Кој и да ги подучува овие деца, им ја одзема целата радост на учењето и ги користи како политички пиончиња. 

„Се плашам од моите врсници. Тие се убиваат. Дали отсекогаш било така?“ прашува младата Клариса во Фаренхајт 451. 

Ван Гог бил без пари, осамен и ментално болен и ги минал најпродуктивните години од својот живот, живеејќи во простор помал од затворска ќелија, но својата лична болка ја преточил во неописливо убави дела кои допираат до милиони, долго откако него веќе го нема. Моќта на уметноста обично нема многу заедничко со политиката, а има со засилување на способноста на поединецот да го цени животот и да знае да ги насети можностите. Секоја личност погодена од слика, книга или песна треба да почувствува особена поврзаност со светот и со ужасите на уништувањето на животот во каква било форма. Уметноста е одбрана од реакционерството, а не согласување, а уништувањето или понижувањето на уметноста не е прогресивно, туку чисто лудило. Кога повеќе нафтени магнати би ги виделе и разбрале „Сончогледите“, би се намалил и степенот на загадување, но дури и корпоративната стрв е помалку страшна од злобата. Можете да купите директори ама да пстојат луѓе кои не само што бесплатно ќе уништуваат, туку тоа ќе го прават со возбуда и гордост - е тоа е веќе сериозен проблем. 

Бредбери, Орвел, Замјатин, Хаксли и многу други предвидуваа дека ќе дојде време кога луѓето ќе поверуваат во политика на морално совршенство која е толку апсолутистичка што на сеќавањата ќе гледаат како на субверзија. Прашајте се не ли е чудно што модерната масовна култура е толку слаба за создавање уметност и книжевност, но чудесно ефикасна во заборавање, спалување, уништување и разобличување. Целата работа со Ван Гог главно е смешна, но ми се чини дека вакви луѓе допрва фаќаат залет и дека нема уште долго да се смееме.

Мат Таиби

19 октомври 2022 - 14:08