Дури и најсилните критичари на Гугл ја користат неговата технологија за истражување на своите лути дебати против него, или во посекојдневни цели, да се снајдат низ некој нов непознат град. Да бидеме искрени: животот без Гугл би бил ужасно позаморен на повеќе начини кои ни се важни. Меѓутоа тоа не е добра причина Гугл и останатите технолошки гиганти да се остават на мира. Напротив, природата и важноста на нивниот придонес прават да биде императив тие да бидат ставени под демократска контрола - не само заради општо прифатената потреба да се заштити индивидуалната приватност.
Последниве години, големите технолошки компании се предмет на осуда заради усовршување на мрачната вештина воведена од комерцијалните весници, радија и телевизии: привлекување и задржување на нашето влијание, со цел на огласувачите кои плаќаат да им се продаде пристап до нашите сетила. Додека читателите, слушателите и гледачите се муштерии кои плаќаат за некоја услуга, комерцијалните електронски медиуми научија како да профитираат правејќи ги трансакциите директно со купувачите, додека нас, и нашите податоци, нè сведоа на пасивен продукт кој е сржта на трансакцијата.
Гугл, Фејсбук, и останати успеаа овој чуден процес на производство, каде нашето внимание е тргувано како производ, да го кренат на сосема ново ниво, благодарејќи на нивната импресивна способност да го персонализираат она што излегува на нашите екрани. За разлика од нивните претходници, тие можат да го привлечат вниманието на секој еден од нас со елементи скроени специфично за секоја личност (па дури и за секое расположение), пред пристапот до нашите податоци па дури и сетила да го продадат на оној што најмногу ќе плати.
Суштинско за побуната против големите технолошки компании е чувството дека сите ние стануваме пролетеризирани корисници. Во 70-те и 80-те бев разгневени кога комерцијалните телевизии ќе нè начекаа со реклами пред најнапнатиот дел од филмот или кошаркарскиот натпревар. Сега веќе не можеме ни да ги препознаеме триковите што ги користат во реално време за да го задржат или продадат нашето внимание. Отуѓени од пазарот кој тргува со нас, ние станавме запчаниците во производствениот процес кој нас нè исклучува како сè освен како производ.
Заштитата на податоците и законите за приватност се замислени за нам да ни вратат дел од изгубената автономија во однос на она што го гледаме, она што го води нашиот избор, и кој го знае она што го избираме. Меѓутоа регулирањето на големите технолошки компании за да се заштитат нашите податоци и да се врати „суверенитетот на потрошувачот“ не е доволно. Соочен со автоматизација и релаксирање на работните односи, монополскиот профит на овие компании поттикнува нееднаквост, потпалува незадоволство, ја поткопува вкупната побарувачка за добра и услуги, и дополнително го дестабилизира капитализмот.
Проблемот е што тука традиционалните владини интервенции се бесполезни: оданочување на бесплатен сервис е бесцелно. Оданочување на роботи, за тие да финансираат луѓе, е невозможно колку што е невозможно и тие да се дефинираат. И додека оданочувањето на профитите на големите технолошки компании е есенцијално, вештите сметководители на овие компании и изобилието можности за пренасочување на профитот во различни јурисдикции го прави ова подеднакво тешко.
Постои просто решение, ако гледаме вон оданочувањето, меѓутоа тоа бара прифаќање дека капиталот повеќе не се создава приватно, или барем не во случајот со Гугл и останатите.
Кога Џејмс Ват изгради една од своите машини на пареа таа беше негова креација, негов производ. Купувач кој ја користи машината, на пример, во текстилна фабрика може да го смета својот извор на профит како награда за тоа што ризикувал да ја купи машината и за иновацијата истата да ја поврзе со машина за предење или со механички разбој.
Наспроти ова, Гугл не може основано да тврди дека капиталот што го генерира неговиот профит е комплетно приватно создаден. Секој пат кога ќе го употребиш пребарувачот на Гугл за да побараш некоја фраза, концепт, или производ, или да посетиш место преку Гугл мапс, ти го зголемуваш капиталот на Гугл. Додека серверите и создавањето на софтверот, на пример, се произведен капиталистички, голем дел од капиталот на Гугл е создаден од речиси сите. Секој корисник, во принцип, има легитимно право да биде де факто акционер.
Секако, иако суштински дел од капиталот на големите технолошки компании е произведен од јавноста, нема разумен начин да се пресмета личниот придонес, заради што е невозможно да се пресмета колку треба да изнесуваат нашите поединечни акции. Меѓутоа оваа невозможност може да се претвори во предност, со создавање на јавен труст во кој компаниите како Гугл ќе префрлат процент - на пример 10% - од своите акции. Одеднаш, секое дете има сопствен труст, додека дивидендите кои тој ги акумулира создаваат универзален основен приход кој расте сразмерно со автоматизацијата и на начин кој ја ограничува нееднаквоста и ја стабилизира макро-економијата.
Вака привлечното решение мора да надмине две препреки. Прво, имаме тенденција оданочувањето да го сметаме за лек за сè. Меѓутоа универзален основен приход финансиран од оданочување секако ќе предизвика незадоволство кај работниот слој кој не може да најде логика во субвенционирање на неработниците, богатите или сиромашните. Второ, акциите на корпорациите обично се даваат само на вработени.
Секако, има одлични причини за оданочување на профитот со цел да се финансираат бенефиции за сиромашните, и за делење на дел од сопственоста со вработените. Меѓутоа овие се посебни проблеми од оние за кои зборуваме: како да се стабилизира општеството преку добивање на права на сопственост врз капиталот на Гугл кој сите помогнаа да се создаде.
Како што човек може да очекува тука се и мотивираните заблуди туркани од бранителите на статус кво. Во колумна на Фајненшл тајмс неодамна беше отфрлен аргументот за префрлање на блок акции од големите технолошки компании, како Гугл, на јавен фонд погрешно толкувајќи го водечкиот аргумент како наша неблагодарност кон сето она што Гугл го има направено за нас. За да се одречат од правото на општеството врз повратот од капиталот кој ние, како корисници, го создававме, бранителите на големите технолошки компании се повикуваат на големиот потрошувачки суфицит на корисниците (сумата која сме подготвени да ја платиме за пристап до бесплатни сервиси како Гмаил и Гугл мапс).
Ова малку наликува како да ја оправдуваш конфискацијата на твоите акции во една компанија со аргумент дека компанијата обезбедува важен сервис за тебе и за другите. Со користење на сервисите што ги обезбедуваат големите технолошки компании ние во реално време создаваме дел од нивниот капитал. Правата на сопственост врз тој дел - за сите нас, наместо само за дел од нас - мора да следуваат.